Државата нема да потроши ништо од Буџетот со отписот на долгови на граѓаните за струја, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Тој објасни дека овие долгови се од старото ЕВН кои при одвојувањето на три компании биле распределени на ЕВН и ЕЛЕМ кои сега компаниите не можат да ги наплатат.
– Компаниите тешко можат да ги наплатат овие долгови и ние предлагаме да ги отпишат со што ќе се ослободат граѓаните од тужбите пред судовите- рече Анѓушев.
Тој не можеше да каже колкав е износот на долгот на граѓаните и за колкава бројка на граѓани станува збор иако премиерот Зоран Заев изјави дека станува збор за 200 илјади семејства со долг од 110 милиони евра. Долгот е до 2006 година.
-Треба да се направи анализа за да се види колкава е бројката на граѓани кои имаат долг кон ЕВН. Најверојатно станува збор за граѓани не семејства. Премиерот само ја најави мерката како активност. Во моментов течат разговори на таа тема, а кога ќе бидат завршени јасно и прецизно ќе кажеме како ќе се случува тоа. Не станува збор дека државата ќе одвојува средства од Буџетот за да плаќа долгови, туку преговараме со компаниите да бидат отпишани во нивните книги долговите кои се генерирани многу години наназад – рече Анѓушев.
Тој реше и дека моментално не се разговара за воведување на рок за застареност на сметките за комунални такси во Законот за облигациони односи.
За потестување при продажбата на старото ЕСМ, неплатениот долг на граѓаните изнесуваше 10,9 милијарди денари или 177, 2 милиони евра, додека пак 19,5 милиони евра за струја тогаш должеа државни институции.
ЕВН како нов сопственик на ЕСМ дистрибуција и ЕЛЕМ од приватизирањето на ЕСМ до 2011 година водеа спор кој ќе ги наплаќа долговите и на чија сметка ќе оди она што ќе се прибере.
Во март 2011 година беше постигнат договор според кој долгот од 10,9 милијарди денари (177,2 милиони евра) да биде наплатен од страната на ЕВН и ќе се дели на половина, односно 50 отсто за ЕЛЕМ и 50 отсто за ЕВН. Долгот пак, на јавните институции во висина од 19,5 милиони евра ќе оди директно кон ЕЛЕМ.
Тогаш беше наведено дека долгот граѓаните и институциите го направиле во период од 1995 до 2004 година.