Анѓушев во „Топ тема“: Конечно имаме економија базирана на реални проекти

Политичката неизвесност во голема мера може да влијае врз економијата. Тоа конкретно може да се види преку тоа што во исчекување дали ќе има избори или не, чека анексот за автопатот Кичево – Охрид, а од тој анекс зависи дали ќе продолжи да се работи на истиот. Или пак во моментов има десетина инвеститори кои чекаат каква ќе биде политичката разврска. И ММФ во своите проекции ја има земено предвид токму политичката неизвесност и политичката ситуација има голема улога во нивната проекција, рече вицепремиерот.

933

Во „Топ тема“ на ТВ Телма, вицепремиерот Анѓушев ја објасни состојбата на македонската економија и влијанието на градежните проекти врз креирањето на капиталните инвестиции, и како политиката ситуација се одразува врз економската инвестициска клима во државата.

– Растот на БДП во вториот квартал од 2018 година е направен во услови кога градежништвото е се уште -17%. Претходно БДП беше креиран од државата, од буџетот, од градежните проекти коишто го влечеле. Сега иако градежните проекти беа во застој и имавме влечење надоле, сепак имаме 3,1 раст. Тој раст го направила реалната економија, во најголем дел индустријата заедно со енергетиката и рударството, земјоделието, трговијата и потрошувачката. Оптимисти сме заради тоа што само со поместување на градежништвото над 0, и тоа со реални и физибилни проекти, a не фиктивни како порано. Градежништвото може да расте и со нефизибилни, виртуелни проекти како споменици, фасади тие прават ефект на краткорочен период, влијаат на растот на БДП но само моментално, на краток период а на долг рок прават проблеми, затоа што се задолжувате – појасни вицепремиерот.

Според Анѓушев, за да се врати градежништвото на нормала потребно е градежните активности во државата на месечно ниво да бидат 56 милиони, но тоа не ги прави капиталните инвестиции во буџетот.

– Градежните активности генерираат два сектори, едниот е високоградба станбени и деловни простори, а другиот е инфраструктурните проекти на државата. Тука треба државата да помогне, во големите инфраструктурни проекти, а тие не се во капиталните инвестиции. Тие се во Државни патишта, во инфраструктура за железница, во гасоводот, далекуводите, електроенергетските капацитети. Бидејќи ги оживеавме мртвите проекти и тоа со заштеда со до 80 милиона евра наспроти првичните цени и само за автопатот Кичево – Охрид, сосема сме сигурни дека во следниот период градежните активности ќе се зголемат. Дополнително ќе имаме експресни патишта низ цела Македонија кои се градат во моментот и тоа уште повеќе ќе го подигне градежништвот – прецизира Анѓушев.

Во однос на проекциите за македонската економија што дојдоа од ММФ и Светска банка, вицепремиерот даде објаснување зошто се намалени и како политичката состојба влијаени врз создавањето на нивните проекции.

– Политичката неизвесност во голема мера може да влијае врз економијата. Тоа конкретно може да се види преку тоа што во исчекување дали ќе има избори или не, чека анексот за автопатот Кичево – Охрид, а од тој анекс зависи дали ќе продолжи да се работи на истиот. Или пак во моментов има десетина инвеститори кои чекаат каква ќе биде политичката разврска. И ММФ во своите проекции ја има земено предвид токму политичката неизвесност и политичката ситуација има голема улога во нивната проекција. Тоа е причината зошто ММФ и Светска Банка имаат различни проекции – рече вицепремиерот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...