Анѓушев во Тетово ги повика бизнисмените да инвестираат

Македонската економија, додаде тој, мора да биде извозно ориентирана и да освојува пазари во светот, а тоа подразбира силна конкуренција.

156

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев заедно со претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа денеска ја посетија фабриката за производство на градежни материјали „Пофикс“ од Тетово, со чии претставници разговараа за новото законско решение за поддршка на инвестициите во економијата.

– „Пофикс“ е брзорастечка компанија бидејќи сопствениците имаат инвестирано сериозни средства во овој индустриски капацитет за производство на градежни материјали – рече Анѓушев.

Тој најави дека на претставници на повеќе компании од полошко ќе им ги објасни придобивките од новиот Закон за поддршка на инвестициите во економијата.

-Тоа е закон што ги подржува инвестициите во македонските компании што ќе се охрабрат да инвестираат и кои и минатата година инвестирале, а сакаат тоа да го прават и следните години – рече Анѓушев.

Според него македонската економија мора да биде извозно ориентирана и конкурентна.

– Токму преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се поддржуваат инвестициски проекти на компаниите за технолошки развој, како и инвестициите во едукација и обука на професионален, компетентен кадар, кој ќе биде добро платен. Преку имплементација на Законот и реализација на Програмата за поддршка на малите и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, ќе ја подигнеме конкурентноста на компаниите и ќе обезбедиме услови за побрз развој на македонската економија, раст на стапките на бруто домашниот производ и нови подобро платени работни места за македонските граѓани – рече Анѓушев.

Тој ги охрабри компаниите да инвестираат.

Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа посочи дека на состанокот со преставниците од повеќе компании во регионот очекува тие да го информираат вицепремиерот Анџушев за нивните различни проблеми и потреби, како и можностите олеснување и изнаоѓање за нови решенија за успешна работа во нивниот бизнис.

На состанокот кој се одржа во Бизнис центарот на Универзитетот за Југоисточна Европа, вицепремиерот детално ги презентираше мерките од Планот за економски раст, поделени во три столба. Притоа тој се задржа на мерките од третиот столб.

– Микро, малите и средни компании може да добијат 30 отсто поврат од направените инвестиции, за нови машини или изградба на хали, како и за обука на вработените, а доколку инвестициите се реализирани за развој на нови иновативни производи, повратот на инвестицијата може да достигне до 70 отсто. Веќе е објавен првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој на кој компаниите може да аплицираат – рече Анѓушев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...