Со воведувањето прогресивен данок ќе имаме поправедно општество. Не станува збор за некои големи даночни измени, туку за мали измени во даночните реформи кои треба да одат во прилог да се направи поправедно општество, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вечерва во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Реформата, како што појасни тој, треба да опфати 25 милиони евра што се помалку од еден процент од Буџетот на Република Македонија.
– Реформата е да се каже дека треба да се има една малку поголема одговорност во општеството. Треба една група жители кои се најуспешни, најдоброплатени, дел од тоа да го трансферираат кон општеството како одговорност – вели Анѓушев.
Во контекст на тоа појаснува дека, со овие пари треба да се подобри општото ниво на живеење во Македонија.
-Со 25 милиони евра не можете да направите чуда во Македонија. Но вие сте го направиле првиот чекор и ќе одредите малку повеќе пари за образованието, градинките, здравството…, вели тој.
Анѓушев посочува дека преку ноќ големи промени нема да има, но вакви потези, како што додава, треба да се прават.
На прашање дали не стравува дека со тоа ќе биде поттикната сивата економија, Анѓушев вели дека тоа нема да се случи.
– Не велам дека таа не постои и не велам дека не треба да се зголеми борбата со сивата економија. Сите овие даночни реформи и политики, или било кој данок дали ќе го намалиме или зголемиме сеедно се наплаќа од тие кои имаат регуларно работење – рече Анѓушев.
Во контекст на тоа додава дека се уште во Македонија има нерегуларно работење и оти треба да се бориме со тоа.
– Тоа е борба која нема да биде лесна, но Владата нема алтернатива освен да се фати во костец со оваа појава – додава Анѓушев.
Според него, ова се прави за да имаме извесни пензии во иднина.
Анѓушев за ВМРО-ДПМНЕ оцени дека ја имаат изгубено ориентацијата.
-Еднаш се залагаат за едно, друг пат за друго – вели тој.
Анѓушев демантираше дека влегол во кавга со министерот за финансии Драган Тедовски, туку понекогаш станувало збор за различни мислења.
Тој вели дека трпи големи критики, но оти тоа е нормалано некој е на ваква функција.
Наводна кавга со Тевдоски немало. Имаме еден неформален формат што се вика Економски совет. На тој состанок ние дебатириме, и некогаш има различни мислења. Но, тоа е далеку од кавга и недоразбирање. На крај се договараме конечно. Во Македонија од ситници се прават големи работи, рече вицепремиерот Анѓушев на гостувањето на Канал 5 телевизија.