Антологија на песни посветени на скопскиот земјотрес

Делото го приредија новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Свето Стаменов и Искра Чоловиќ и универзитетскиот професор, литературен теоретичар и критичар, писател и поет Васил Тоциновски. 

84

Антологијата на песни посветени на скопскиот катастрофален земјотрес „Ден судбоносен – 26 јули 1963“ ќе биде промовирана утревечер со почеток во 19 часот во Домот на културата „Димитар Влахов“ во скопската населба Автокоманда.

Делото го приредија новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Свето Стаменов и Искра Чоловиќ и универзитетскиот професор, литературен теоретичар и критичар, писател и поет Васил Тоциновски.

Антологијата, која е плод на речиси двегодишна континуирана истражувачка работа, содржи 182 песни на деведесетина поети од речиси сите страни на светот кои преку нив ги искажуваат својата болка и тага за она што го снајде Скопје на 26 јули 1963 година и надежта дека градот повторно како феникс ќе се крене од пепелта и урнатините.

Со свои песни се застапени автори од сите генерации македонски поети, почнувајќи од највидните претставници на македонската поетска реч: Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Лазо Каровски, Љупчо Стојменски, Томе Арсовски, Евгенија Шуплинова, Бистрица Миркуловска, Цане Андреевски, Иван Чаповски, Влада Урошевиќ, Драгица Најческа, Славка Арсова… Застапена е и најновата генерација македонски поети, а некои од нив своите песни ги напишаа специјално за оваа антологија.

Од поетите од странство, меѓу другите, со свои песни се застапени: Јеврем Брковиќ, Јуре Каштелан, Славко Михалиќ, Кристине Буста, Иван В. Лалиќ, Јон Хореа, Елио Филипо Акрока, Луси Албертини, Алберто Баеса Флорес и др.

Во антологијата за првпат на македонски јазик интегрално се објавува и збирката „Урнатини“ на познатиот хрватски и македонски филозоф и еден од втемелувачите на катедрата по филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје и поет Павао Вук-Павловиќ. Нему скопскиот земјотрес му беше главен мотив на својот мајчин хрватски јазик да ги напише антологиските 33 скопски сонети кои во 1964 година беа вкоричени под наслов „Развалине“, а кои пет децении подоцна беа препеани на македонски од универзитетскиот професор Кирил Темков.

Во прилогот насловен „Скопскиот земјотрес и музиката“ првпат на едно место се собрани текстовите на песните што за скопската катаклизма и за Скопје ги испеаја легендите на македонската народна музика Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски и сестрите Мавровски.

Промотори на антологијата „Ден судбоносен-26 јули 1963“ се директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова – Грујовска и универзитетскиот професор и писател Александар Прокопиев. Покровител на изданието и на промоцијата е градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...