Државната комисија за спречување на корупција на денешната 24 седница донесе одлуки за затворање на предметите против вицепремиерот Кочо Анѓушев за постапките за добивање концесии за изградба на мали хидроцентрали.
ДКСК разгледа две пријави за судир на интереси против вицепремиерот Кочо Анѓушев при избор на концесионери за мали хидроцентрали, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и НВО Фронт 21/42.
Од ДКСК информираа дека не се утврдени наводите од пријавите и дека Анѓушев не се нашол во судир на интереси и се изземал од седниците на Влада при одлучувањето.
– Не се потврдени наводите дека при продолжување на рокот за договорот за концесија за користење на водата и пренамена и доделување градежно земјиште за изградба на мали хидроцентрали за локациите на реките Врановска и Тополка на друштвото МХЕ „Тополки“ ДОО Скопје Кочо Анѓушев не се нашол во состојба на судир на интереси, бидејќи пред спроведување на постапките тој го пријавил својот приватен интерес и се изземал од седниците на Владата, на кои се расправало и одлучувало во врска со хидроцентралите, каде тој е сопственик или содружник – образложи Нури Бајрами од ДКСК.
ДКСК едногласно донесе заклучок дека наводите оти Анѓушев не го пријавил приватниот интерес и не се изземал од расправата, не се потврдени со што донесе одлука предметот да се затвори и архивира.