Најголемата грчка опозициска партија, конзервативната Нова демократија (НД), според истражувањата на јавното мислење, и натаму е најпопуларна политичка сила во Грција, но нејзината предност пред владејачката Коалиција на радикалната левица (СИРИЗА) се намалува.
Последните две анкети спроведени од „Палмос Анализис“ и АЛЦО, покажуваат дека разликата е 8,9, односно 4,7 отсто.
Според двете анкети, доколку сега се одржат избори само пет партии би го минале изборниот цензус од три отсто за освојување места во грчкиот Парламент, а меѓу нив не е сегашниот коалициски партнер на СИРИЗА во грчката Влада, партијата Независни Грци.
Во анкетата на „Палмос Анализис“, Нова демократија има поддршка од 20,8 проценти, а СИРИЗА од 11,9 отсто. Натаму следуваат Движењето за промена и Комунистичка партија на Грција (ККЕ) со по 5.2 проценти и Златна зора со пет отсто.
Во истражувањето пак на АЛЦО, распоредот на силите е сличен, со единствена разлика што Златна зора е трета политичка сила. Според оваа анкета, Нова демократија ужива поддршка од 21,4 отсто, СИРИЗА од 16,7, Златна зора од шест, Движењеѕо за промена од 5,4, ККЕ од 5,3 проценти.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, и двете анкети покажуваат дека и натаму останува голем процентот на гласачи, кои не знаат за кого би го дале својот глас, нема воопшто да гласаат или пак ќе одберат друга партија или гласачкото ливче ќе го направат неважечко.
Според „Палмос Анализис“, во горенаведените категории спаѓаат 41,7 од испитаниците, а според АЛЦО 37,8 отсто.