Рејтингот на американскиот претседател, Доналд Трамп, се намали на 40 отсто, додека во исто време 57 проценти од Американците изразуваат недоверба кон неговите политики, покажуваат резултатите од најновата анкета спроведена од „Политико“ и „Морининг Консалт“.
Преку анкетата се анализираат две кризи кои се посочуваат како причина за падот на рејтингот на Трамп – делумната блокада на работата на американската федерална Влада поради спорот околу изградбата на ѕид на границата со Мексико и наводните врски на претседателот со Русија.
Според анкетата, 54 отсто од Американците ги обвинуваат Трамп и неговите републиканци за блокадата на Владата, додека 35 отсто вината за тоа ја префрлаат на демократите.
Анкетата покажува дека од почетокот на политичката криза позициите на демократите зајакнуваат, додека истовремено рејтингот на републиканците се намалува.
Поддршка за изградба на ѕид на американската граница со Мексико, за, како што тврди Трамп, заштита на САД од илегална имиграција, даваат 43 отсто од Американците, додека 49 отсто се против.
Во однос на проблемот со Русија, анкетата покажува дека мнозинство Американци сметаат дека Кремљ поседува „компромитирачки материјали“ за Трамп.
Дури 57 отсто од испитаниците сметаат дека Русија најверојатно поседува „компромитирачки информации“ за Трамп, додека 31 отсто сметаат дека тоа не е така.
Анкетата е спроведена од 18 до 22 јануари и со неа биле опфатени две илјади испитаници. Маргината за грешка е плус-минус два отсто.