Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ Скопје на вчерашнoто 13-то редовно изборно собрание избра нови членови на органите на управување. Регионалниот менаџер на Мусала Софт, Александар Убавков е избран за член на Управниот одбор на МАСИТ и неговиот мандат ќе трае до март 2022 година. За претседател е избрана Анета Пешева од компанијата „Ултра“ и заменик претседател на Управниот одбор е Илија Господинов од компанијата „Ендава“.
-Да се биде дел од Управниот одбор на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ е огромна чест за мене, но и за Мусала Софт во целост! Преку оваа позиција ќе можам активно да учествувам и да придонесувам за развој на ИКТ индустријата во Македонија! Ние од Мусала Софт силно веруваме дека Македонија е една од земјите со потенцијален развој на квалитетна движечка сила на ИТ кадри – кажа Александар Убавков, Регионален менаџер на Мусала Софт.
Пешева се заблагодари на довербата и најави дека ќе се бори ИКТ индустријата да стане водечка во државава.
– Ова е голема чест за мене и се надевам дека позитивно ќе одговорам на довербата која ми е дадена. За време на мојот мандат првенствено ќе се борам ИКТ индустријата да стане водечка индустрија во државава по примерот на некои европски земји, бидејќи таа тоа и го заслужува. Од успехот на ИКТ индустријата и третманот на државата кон неа ќе зависи дали земјата ќе се придвижи во позитивен правец и ќе успее да ги задржи најбараните млади образовани кадри. Во спротивно и се заканува егзодус на инженерскиот потенцијал – изјави Пешева.