ЕБОР го назначи Анди Аранитаси за нов претставник во Северна Македонија. Тој доаѓа на местото на Анка Јоана Јонеску која ќе замине од Скопје на 1 септември годинава.
Како што соопштуваат од ЕБОР, Аранитаси работи во Банката во Лондон од 1998 година, а од 2000 до 2005 година е банкар во канцеларијата во Бугарија. Седум години работи во Истанбул, на енергетски проекти во Европа и Азија, и последниве две и пол години е во Бугарија во истиот оддел. Неговото работно искуство е во тимовите на Централна Европа и Западен Балкан, во секторите на телекомуникации, енергија и енергетика.
По завршувањето на средното образование во неговата родна земја Албанија, Аранитаси ја добива школарината на Фондацијата Отворено општество за Американскиот универзитете во Бугарија, каде дипломира во 1996 година.
– Сакам да ја продолжам тековната работа со локалниот тим во проекти за поврзување на земјата, како и во оние од секторот инфраструктура и енергија, истовремено ангажирајќи се за зголемување на активностите на Банката во приватниот сектор – истакнува Аранитаси.
ЕБОР во земјава има инвестирано повеќе од 1.87 милијарди евра во 117 проекти, фокусирајќи се на поддршка на интеграцијата на земјата во регионалните и глобалните пазари, преку инвестиции на Банката и други придружни активности.
Анка Јоана Јонеску ја претставуваше ЕБОР во Северна Македонија повеќе од пет години.