Расте бројот на мали пратки што граѓаните и компаниите ги порачуваат преку интернет а со тоа растат предизвиците и за државата и за компаниите. Министерството за финансии, Царинската управа и Владата се соочуваат со години со барањето да се зголеми прагот на вредноста до која пратките се ослободени од плаќање увозни давачки. Министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека се размислува за негово зголемување, а оптималниот праг ќе го дадат анализите што во моментов се прават во Министерството.
– Кога зборуваме за олеснувањето на прекуграничната е-трговија треба да се земат предвид двете страни. Константни се барањето на граѓаните за зголемување на прагот на вредноста на стоки што подлежат на ослободување од плаќање на царина. Од друга страна има голем притисок на одредена категорија на граѓани кои низ превезот на поголеми повластици сакаат да вршат нелегална трговија. Затоа работиме на подобрување на процесите и зголемување на ефикасноста – рече министерката Нина Ангеловска, на промоцијата на скенерот за контрола на поштенски пратки во царинската испостава Пошта-Скопје, донација на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.
Укажувајќи дека има значителен простор за подобрување, министерката Ангеловска посочи на Индексот на логистички перформанси, кој ја мери ефикасноста и квалитетот на поштенската испорака и е многу значаен за развој на електронската трговија. Според овој индекс, Македонија е на 99 место од оценети околу 150 економии, односно индексот изнесува 2,61 процент. Од 6. индикатори кои мери овој индекс, индикаторот по кој сме на пониско ниво е ефикасноста на процесот на царинење.
– Употребата на скенерот е еден чекор за подобрување на царинењето на малите пратки. Тој ќе овозможи без да се отвораат пратките да се види што има во нив. Со тоа се намалува можноста за злоупотреба и се врши автоматизација на процесот. Освен на олеснување на увозот, се работи и на олеснување на извозот. Преку електронско поднесување на извозните декларации, од први јануари, им олеснуваме на македонски компании, ги правиме поконкурентни и овозможуваме електронската трговија да понуди поголеми можности за раст на домашните компании преку пласирање на странски пазари – рече Ангеловска.
Од гледна точка на Царината, е-трговијата се користи за продажба на физички производи преку интернет, вклучително и фалсификувани производи, за кои мора да бидеме подготвени и да превенираме, рече директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски.
-Со употребата на скенерот ќе се забрза прегледот на е-пратките и ќе се зголеми можноста за откривање на недозволена трговија. Ако зборуваме за безбедноста, пред сѐ за заштита на населението, што е една од примарните задачи на Царинската управа, скенерот овозможува детектирање на пратки кои согласно позитивните законски прописи содржат материи кои се забранети за внесување во нашата држава. Од друга страна, наша задача е да го заштитиме правото на интелектуална сопственост, како и други мерки на трговска политика- посочи Танасоски.
Министерката за финансии Ангеловска информираше и дека во тек се сеопфатни анализи кои ќе покажат кој е оптималниот праг за ослободување од увозни давачки кај малите пратки. Според важечката регулатива, мала пратка чија вредност надминува вредност од 45 евра подлежи на плаќање на увозни давачки. Во ЕУ, тој праг е 150 евра. Притоа, граѓаните што се враќаат од странство преку граничен премин, можат со себе да носат стоки во вредност од 350 евра, и за нив да не платат увозни давачки.
-Вториот момент кога споменав дека работиме на подобрување на процесите е да одговориме на бројните иницијативи за зголемување на прагот. Разговараме прагот да се зголеми на околу 80-90 евра. Кој е оптималниот праг ќе покажат анализите што во моментов се прават во Министерството за финансии – посочи Ангеловска.
Податоците покажуваат дека во царинска испостава Пошта Скопје, во 2018 година вкупно пристигнале 4.392 пратки, а во првите шест месеци од 2019 година 2.811 пратки, што покажува дека бројот на пратки расте со темпо од околу 30 проценти. Тој број ќе продолжи да расте и тоа креира дополнителен предизвик за дигитализација и автоматизација на поштите.
-Мора дополнително да работиме на олеснување на процесите, слободното движење на стоки, но при тоа да се вршат засилени контроли и да може, врз основа на анализи на ризик да се скрати нивното времетраење – укажа Ангеловска.
Скенерот се очекува за два до три дена да ја скрати процедурата за доставување на малите пратки до крајниот корисник, како и да ги намали трошоците на граѓаните бидејќи пратките за кои ќе се утврди дека не се сомнителни, ќе се пуштаат без задржување и без дополнителна наплата на трошоци.
Скенерот, во вредност од 59.000 долари е донација на амбасадата на САД во РС Македонија и е дел од донацијата на опрема од 80.000 долари, во што е вклучена и обука на вработените. Амбасадата на САД преку Програмата EXBS во изминатите години ѝ донираше на Царинската управа оперативна опрема во вредност од над 2 милиони американски долари, со цел да се унапреди целокупното царинско работење.