Министерството за финансии во соработка со Управата за јавни приходи, Царинската управа и Финаисиската полиција најавува засилени активности во борбата против нелојалната конкуренција во е-трговијата.
Се најавуваат засилени контроли на оние поединци кои не се регистрирани во системот, подготвување на конкретен акциски план, како и изработка на платформа каде ќе се пријавуваат нерегистрираните продавачи.
Според министерката за финансии Нина Ангеловска, потребна е взаемна соработка на сите засегати страни со цел да се сузбие сивата економија во овој сектор и да се заштитат институциите, реалниот сектор и купувачите.
– Ќе формираме работна група затоа што од една страна производите влегуваат на пазарот, од друга страна има некој кој ги продава овие производи на социјалните мрежи, а од трета страна го имаме купувачот кој ги купува производите, а за тоа не добива фискална сметка. На крајот се сведува на тоа купувачот, кој не е задоволен, да поднесе жалба до Државниот пазарен инспекторат, кој не може да реагира, бидејќи нема фискална сметка. Мораме и на крајните потрошувачи да им обратиме внимание да внимаваат од каде порачуваат, за сите заедно да ги заштитиме и купувачите, и институциите и да му помогнеме на реалниот сектор – изјави Ангеловска по денешната тркалезна маса за сузбивање на даночната евазија во е-трговијата.
Наскоро, како што најави таа, се очекува да биде поставен и скенер во Поштата за да може сите пратки кои пристигнуваат да не зависат само од мануелната проверка на поединци.
И од Управата за јавни приходи велат дека постојано вршат засилени контроли, а од финансиската полиција посочуваат дека постапувале во вакви случаи.
Според податоците на Народна банка, во земјава има околу 960 регистрирани електронски трговци, но нема точни податоци за бројот на нерегистрирани е-трговци кои нудат и продаваат производи преку социјалните мрежи. Генерално, сивата економија во земјата е околу 30 проценти, а во овој процент влегува и нелојалната конкуренција во е-трговијата.
Електронската трговија станува се поприсутна кај нас. Податоците на Асоцијацијата за електронска трговија покажуваат дека минатата година за 26 проценти пораснал обемот на плаќање со картички на електронски продавници односно оти тој во првото полугодие од годината изнесува 86 милиони евра.