Министерката за финансии Нина Ангеловска на комисиската расправа за Буџетот за 2020 предложи анонимно доставување амандманите како одговор на тврдењето на пратениците од опозицијата дека не биле прифатени некои амандмани затоа што биле на опозицијата.
Ангеловска забележа и дека дел од амандманите не се квалитетно подготвени, се предлагаат ниски суми, иако за нивно реализирање се потребни многу повеќе пари.
-Треба да се гледа содржината на амандманот, а не од која партија е поднесен, затоа амандманите за буџетот треба да се предлагаат анонимно, а решенијата да бидат детално објаснети и поткрепени со анализа и бројки. За да не се политизира моментот дали амандманот бил прифатен или одбиен во зависност од предлагачот, предлагам да има анонимност при поднесување на амандманите, и да не се знае кој амандман од кого е поднесен. A тоа технологијата денес ни го овозможува. Секое добро и издржано решение се прифаќа, без разлика од која политичка партија доаѓа – рече Ангеловска.
Ангеловска рече дека сите поднесени амандмани за Буџетот за 2020 година се во износ од 26 милијарди денари, од кои 350 амандмани се од опозицијата и се во износ од 23,2 милијарди денари.