Ангеловска: Парите ќе одат онаму каде што ќе имаат најголема ефикасност

Од овој Ребаланс, за граѓаните обезбедуваме поддршка за поголеми плати за вработените во приватниот сектор, поголеми плати за вработените во јавната администрација, повеќе средства за поддршка на активните мерки за вработување за невработените граѓани и конечно, за нешто помалку од три месеци првпат на граѓаните ќе им бидат вратени првите пари преку проектот мојДДВ, рече Ангеловска

104

Алоцирање средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми ефекти, повеќе пари кај граѓаните и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплата на повисоки плати, се целите на ребалансот на Буџетот за 2019 година што министерката за финансии Нина Ангеловска ги посочи пред пратениците пред кои од денеска на дневен ред е Предлог дополнетиот ребаланс на Буџетот.

– Од овој Ребаланс, за граѓаните обезбедуваме поддршка за поголеми плати за вработените во приватниот сектор, поголеми плати за вработените во јавната администрација, повеќе средства за поддршка на активните мерки за вработување за невработените граѓани и конечно, за нешто помалку од три месеци првпат на граѓаните ќе им бидат вратени првите пари преку проектот мојДДВ. А ова не е единствената придобивка од овој проект, зашто преку мојДДВ граѓаните директно ја помагаат борбата за намалување на сивата економија – истакна минисерката.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228,2 милијарди денари. Во овие рамки дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со буџетот, односно е позициониран во износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП.

Според Деловникот за работа на Собранието, пратениците може да расправаат за ребалансот на Буџетот најманогу до пет дена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...