Доколу правилно се адресира сивата економија и се спроведат конкретни мерки и активности би можело да се очекува зголемена наплата на ДДВ од еден до два отсто од БДП, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска на панел-дискусија на конференцијата на УниКредит – „Emerging Market Winter Conference“, која се одржува во Виена, Австрија.
– Ова е клучен приоритет и затоа создаваме посебен – наменски акциски план во Министерството за финансии. Акцискиот план вклучува различни мерки, од инспекции и зајакнување на капацитетите на институциите до меки мерки, по примерот на МојДДВ и МoјДДВ #МојаНаграда, кои даваат одлични резултати. Покрај тоа, додаваме нов, посебен сегмент, кој се бори со сивата економија во е-трговијата. Друг начин да се мобилизираат повеќе приходи е со примена на технологиите во процесите. Технологиите се решение за борба против корупцијата, за зголемување на ефикасноста на даночниот систем и автоматизирање на процесите – рече Ангеловска.
Министерката информирала дека се натфрлени проекциите за раст на Меѓународниот монетарен фонд – дури и покрај тоа што Фондот во 2019 година два пати ја зголемуваше проекцијата за раст за земјава.
Според неа, за годинава се очекува раст на економијата од 3,8 отсто како и дека е подобрена реализацијата на капиталните инвестиции.
– Со Буџетот за 2020 година издвоивме 385 милиони евра за капитални инвестиции, што претставува 3,2 отсто од БДП и 10 проценти од јавните расходи. Ова е над европските таргети, односно јавните инвестиции во Европската унија учествуваат со 2,7 отсто од БДП и 6 проценти од јавните расходи. Исто така, преку Јавното претпријатие за државни патишта се издвоени дополнителни 195 милиони евра за инвестиции во патната инфраструктура. Тоа се 580 милиони евра капитални инвестиции – заклучи Ангеловска.