Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска е избрана за член на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2, како претставник на шесте земји од регионот на Југоисточна Европа коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија, информираа од Централната банка.
Како што соопштија од НБРМ, во рамки на Виенската инцијатива 2, гувернерката има активна улога во застапувањето на интересите на регионот пред претставниците на меѓународните финансиски институции и глобалните и регионалните банки присутни во овој дел од Европа.
Ангеловска-Бежоска денеска и утре ќе учествува конференцијата по повод десетгодишниот јубилеј од формирањето на Виенската иницијатива, а ќе говори и на традиционалниот форум.
Таа, како што соопштија од НБРМ ќе оствари средби со високи претставници на неколку централни банки од Европа и на меѓународните финансиски институции, како и со претставници на Европската комисија.
Виенската иницијатива 2 претставува платформа за приватниот и јавниот сектор, којашто ги обединува клучните меѓународни финансиски институции, Европската комисија и релевантните институции на ЕУ, глобалните и регионалните банки присутни со свои подружници и филијали во ЦИЈИЕ, како и регулаторните власти на повеќе земји од Европа, вклучително и земјите коишто не се членки на ЕУ.
Целта на Виенската иницијатива 2 е да ја одржува и да ја зајакнува финансиската стабилност и да обезбеди заштита од системски банкарски кризи во овој дел од Европа.