Ангеловска – Бежоска за „Економист“: Реформите се важни за зголемување на потенцијалот на економијата

Осврнувајќи се на искуствата на други земји, Ангеловска-Бежоска посочува дека влезот во НАТО како гаранција за стабилноста којашто придонесува за повисока доверба кај инвеститорите, може да донесе бројни придобивки за економијата, вклучително и повисок прилив на странски директни инвестиции.

262

За забрзување на краткорочната динамика на раст и за зголемување на потенцијалот за долгорочен и одржлив раст на нашата економија, важно е и продолжувањето на структурните реформи коишто треба да влијаат врз квантитетот и квалитетот на човечкиот капитал, физичкиот обем на капиталот и продуктивноста. Меѓу другото, неопходно е да се продолжи со реформи во сферата на образованието, здравството и пазарот на труд заради зголемување на човечкиот потенцијал, со политики за стимулирање домашни и странски инвестиции заради повисоки капитални инвестиции, како и со политики коишто ќе значат повисока продуктивност, како што се поддршка на истражувањето, развојот и иновациите и подобрување на квалитетот на институциите.

Ова го истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервјуто за специјалното годишно издание на британскиот магазин „Економист“, „Светот во 2020“, издадено на македонски јазик.

Во интервјуто, акцент е ставен на видувањата и оцените на Народната банка за следната година во однос на клучните макроекономски параметри, како и на ризиците коишто доаѓаат од глобалното окружување.

Одделно се коментираат и можните придобивки за економијата од влезот на земјата во НАТО. Притоа, осврнувајќи се на искуствата на други земји, Ангеловска-Бежоска посочува дека влезот во НАТО како гаранција за стабилноста којашто придонесува за повисока доверба кај инвеститорите, може да донесе бројни придобивки за економијата, вклучително и повисок прилив на странски директни инвестиции.

Гувенерката зборува и за Портата за иновации отворена неодамна.

– Целта на оваа платформа е поддршка на иновациите во финансискиот сектор коишто треба да овозможат поголема понуда на технолошки понапредни финансиски услуги со бројни предности за корисниците. Портата за иновации е намената за поактивна соработка со сите компaнии коишто нудат вакви услуги. Покрај тоа што ќе даваме насоки и објаснувања на постојните регулаторни барања, преку комуникацијата остварена преку оваа платформа, ќе ја разгледуваме и потребата за евентуална промена на регулативата и за намалување на регулаторните ограничувања за влез на нови иновативни бизнис-решенија и проекти, без да се наруши интегритетот на финансискиот сектор и без прекумерно да се преземаат ризици. Овие активности се во согласност со подготовката и на новата законска регулатива за платежните услуги којашто ќе создаде услови за поголема конкуренција и подобри услуги за граѓаните во делот на платежните услуги – вели Ангеловска- Бежоска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...