Со оглед на силните трговски и финансиски врски со еврозоната, понатамошното олабавување од страна на Европската централна банка е еден од факторите којшто може да придонесе за понатамошно олабавување на монетарната политика и на централните банки во регионот, рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во обраќањето на панел дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“ во Виена.
Ангеловска-Бежоска, соопшти Народната банка, се осврна на тековната и идната поставеност на монетарната политика во регионот и во земјата, евроизацијата и улогата на процесот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ) во градењето на институционалниот капацитет.
Таа во излагањето стави акцент и на монетарната политика на нашата централна банка, којашто во изминатите неколку години постојано се олабавува, што придонесува за намалување на цената на финансирањето на корпоративниот сектор и домаќинствата, како и за раст на кредитната активност.
Според Ангеловска-Бежоска, за разлика од дел од развиените економии каде што каматните стапки се околу нулата, во нашиот регион, каматните стапки на централните банки и понатаму се позитивни, што во зависност од специфичните околности во секоја економија покажува дека просторот за монетарната политика во овие земји веројатно е поголем.
Во однос на прашањето за евроизацијата, гувернерката изјави дека таа е присутна во нашата земја, но е пониска во споредба со други земји од регионот. Во изминатиот период се забележува позитивен тренд на нејзино постепено намалување, особено во периоди кога нема позначајна економска или политичка нестабилност. Таа нагласи дека Народната банка и во иднина ќе презема мерки за понатамошно намалување на степенот на евроизација, со што би се зголемила ефективноста на монетарната политика. Притоа, укажа и на Стратегијата за денаризација во која се вградени повеќе мерки за нејзино зголемување, што е впрочем нагласено и во рамките на економскиот дијалог со ЕУ.
Ангеловска-Бежоска во дискусијата се задржа на подготвителните активности во рамки на процесот на пристапување кон ЕУ. Овие активности, подолг временски период, претставуваат една од битните алатки за дефинирање и спроведување на дел од структурните и институционалните реформи во земјата. Гувернерката истакна дека Народната банка од самиот почеток е активно и директно вклучена во овој процес, особено во приближувањето кон легислативата и нормите на ЕУ преку повеќе платформи, а првенствено во деловите поврзани со економската и монетарната унија, статистиката, платежните услуги и слободното движење на капиталот.