Приоритетите кои ќе треба да бидат инкорпорирани во стратегијата на ЕБОР за Република Македонија за претстојниот четиригодишен период и утврдување на клучните области каде што може да се ангажира банката во земјава во следните неколку години, се главните теми за кои разговарале вчера гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и делегацијата на Одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Како што соопштија од НБРМ, гувернерката ги презентирала согледувањата и оцените за македонската економија во целина, како и согледувањата и оцените за македонскиот банкарски систем и неговата стабилност.
– Македонската економија закрепнува, а банкарскиот систем во земјава е стабилен и солвентен. Тој е во кондиција којашто овозможува понатамошна поддршка на економијата – истакнала Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска додала и дека има простор за соработка и во натамошната консолидација на банкарскиот сектор, но и за развој на останатите сегменти на финансискиот систем и развој на алтернативните извори за финансирање, особено за малите и за средните претпријатија.
„Токму во овие сегменти се воочи простор за натамошна поголема вклученост на ЕБОР“, велат од НБРМ.
На средбата била нагласена досегашната успешна соработка на ЕБОР со земјава и подготвеноста на оваа меѓународна финансиска институција за одржување на континуитетот во обезбедувањето поддршка за реформа на приоритетните сегменти.
„Меѓу другото, беше истакнато и дека постои простор за зајакнување на идната соработка и комуникација меѓу НБРМ и ЕБОР, којашто би вродила со заеднички проекти“, стои во соопштението.
Досега ЕБОР има вложено над 1.8 милијарди евра во 113 проекти во Република Македонија, со цел поддршка на интеграцијата на земјава во регионалните и глобалните пазари, преку инвестиции и политички дијалог и особено преку интензивирање на соработката со клучните партнери како Европската Унија и Европската инвестициона банка.
Делегацијата е предводена од директорот на ЕБОР за Холандија, Кина, Монголија, Македонија и за Ерменија, Франс Викерс и од директорката на ЕБОР за Полска, Бугарија и за Албанија, Виолета Барвицка-Лофтхаус.
Посетите на делегација на Одборот на директори на ЕБОР се редовни и се одвиваат на секои две до четири години во секоја земја на работење.