Со филмот „Ана Каренина: Приказната на Вронски“ најновото остварување на Карен Шахназаров, ќе биде отворен месецот на руски филм насловен „Руска зима” во Кинотеката на Македонија во понеделник во 20 часот.
Покрај поздравните обраќања на директорот на Кинотеката на Македонија, Владимир Ангелов и амбасадорот на Руската федерација во Р. Македонија Сергеј Баздникин, овој настан ќе биде одбележан со доделувањето на почесената титула Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни ЕФТА, со пригодна беседа на ректорот Јордан Плевнеш, на едно од најзначајните имиња на современиот руски филм и директор на Москва филм, Карен Шахназаров.
Ова престижно признание, со кое се вреднуваат врвните достигнувања во областа на аудиовизуелните уметности, досега им е доделено на имиња со светско реноме, како што се Клод Лелуш (Франција), Маноел Де Оливеира (Поругалија), Јиржи Менцел (Чешка) и Роберт Вилсон (САД).
До крајот на февруари ќе бидат прикажани 25 класични и современи руски филмови, а поводот се 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија.