Стечајната постапка на Фени Индустри АД – во стечај, е согласно законските прописи, вели во писмениот допис до медиумите стечаен управник на Фени Индустри АД, Мирослав Анастасиевски.
– Во врска со наводите изнесени на прес-конференцијата од страна на Слаѓана Тасева, сакам да ја информирам јавноста, дека тие се неосновани во целост. Стечајната постапка на Фени Индустри АД – во стечај, е согласно законските прописи – вели Анастасиевски.
Во однос на транспарентноста, како што додава, целата македонска јавност редовно е информирана и го следи процесот постојано.
„Транспарентноста во стечајната постапка се огледува во редовното информирање на доверителите, согласно законските одредби. Сакам да потенцирам дека во целост е заштитен имотот на должникот, а со тоа и правата на доверителите во стечајната постапка“, се наведува во соопштението.
Во однос на наводите за Огласот и склучениот договор, Анастасиевски, истакнува дека истиот оглас е објавен најтранспарентно во меѓународниот Financial Times и домашни медиуми.
Анастасиевски ги повикува ТИМ да користат веродостојни податоци и да посветат внимание на причините за отворање на стечајна постапка на Фени Индустри АД Кавадарци.