И шестата по ред ревизија во општина Охрид открива длабоки финансиски проблеми и неодржливост, пропусти во доделување на субвенции, менаџирање со општинскиот имот. Општина Охрид, кој во моментов по сите основи има долг од околу 20 милиони евра ја чека буџетската инјекција од централната власт за раздолжување на дел од долговите, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Но, оваа општина не е единствена што тоне во долгови. Како ќе се делат 50 милиони евра од централниот Буџет на локалните власти но и како ќе се спречат градоначалниците да создаваат нови долгови?
Сите се надеваат на финансиска инјекција – ќе има ли критериуми?
На крајот од 2017 година, во евиденцијата на општина Охрид прикажани се неизмирени обврски (долгови) за кои имало судски постапки но сѐ уште нема извршни решенија во износ од 470 000 евра. Но дополнително, по основ на извршни решенија општината има неизмирани обврски во вредност од 8,8 милиони евра. Овие суми обелоденети во новиот ревизорски извештај, потврдуваат дека оваа општина предничи според долговите и дека состојбата повеќе не одржлива. Од општината за „Порталб“ велат дека во операцијата за раздолжување важно ќе биде како ќе се постават доверителите, а предност ќе имаат оние кои ќе се откажат од наплата на камати.
– Вкупните долгови на општина Охрид, и по основ на камати и по основ на главница изнесуваат околу 20 милиони евра. Од нив скоро 13 милиони евра отпаѓаат на камати, но сумата не може сметковдоствено да се евидентира бидејќи се менува постојано, дури и на дневна основа поради пресметка на каматите. Со буџетските пари планираме да ја продолжиме досегашната пракса – враќање на долгови кон доверители, со предност за оние кои ќе одлучат да се откажат од камати. На пример, ако имаме доверител кој ќе се откаже целосно од каматите, тој би имал приоритет во раздолжувањето. Секако, случаите се различни, на пример, камата на долг од 1 милион евра и камата на долг од 100 000 евра не е исто, така што ќе се постават критериуми врз основа на кои ќе се раздолжуваме – вели Игор Бежоски, секретар во општина Охрид.
Сметката на општина Охрид е блокирана подолго од шест месеци, во континуитет, од 2002 година досега а вкупниот износ на неизмирени обврски над 60 дена надминува 80% од реализираните приходи на основниот Буџет, но во случајов блокадата е поголема од вкупниот приход во претходната година.
– Во текот на 2017 година продолжуваат условите за настанување на финансиска нестабилност а во вој период како и во претходните години не се преземени мерки и активности за надминување на финансиската нестабилност на Општината. Буџетот за 2017 година не содржи развоен дел по буџетски програми и под програми, години за кои ќе се раелизираат и извори на финансирање – наведува ревизорот.
Од општина Гостивар, која во билансите прикажува долг по основ на неизмирени обврски во износ од 1 милион евра, за „Порталб“ велат дека засега немаат информација дали се на листата општини кои ќе добијат буџетски пари.
– До денес немаме точна информација дали нашата општина е вклучена во процесот на доделување на буџетски средства од централна власт. Секако дека тоа би било од корист, односно би се зголемила ликвидноста на општината, би се пристапило кон реализирање на исплати кон доверителите и кон помош на финансиската состојба на буџетските корисници, односно училиштата и градинките и јавните претпријатија кои функционираат на територијата на општината – велат од локалната самоуправа на Гостивар.
Според податоците со кои располага „Порталб“, но и според официјалните информации од локалната власт, оваа општина успеа да обезбеди финансиска стабилност, а реализацијата на Буџетот во однос на планираното годинава изнесува 70%.
– Во тек се судски постапки со двајца доверители, чии што долгови, според податоците, изнесуваат 1,2 милиони евра кон компанија која има побарување за извршена услуга „уривање на објекти“ и во оваа сума е вклучена главницата и каматиет за долгот и побарување од команија за извршена услуга за изградба на улици и патишта во износ од 813 000 евра – објаснуваат од општината.
На листата најзадолжени општини се наоѓаат и Тетово, Куманово, Крапош.
Владата ќе им помогне, ама и ќе ги дисциплинира локалните власти
Операцијата за раздолжување на општините и официјално ќе почне со усвојување на ребаланс на Буџетот. Според објавените пресметки, ќе бидат одвоени скоро 50 милиони евра, пари кои треба да покријат 51% од долговите на општините. Вкупниот долг кој го пријавиле локалните власти, заклучно со крајот на септември изнесува 81,3 милиони евра.
– Финансиска поддршка од 51 процент, од сумата, е сериозна помош. Јасно поставуваме механизам кој ќе спречи трупање на долгови во иднина и јасно кажуваме дека втор пат немаме намера да правиме вакво нешто и нема да се случи. Сега има простор да им помогнеме, во моментов го решаваме долгот – изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.
Парите од централниот Буџет што ќе завршат на општинските сметки ќе бидат строго наменски и неповратни. Општинарите очекуваат дека Владата ќе даде насоки за постапување.
– Ова ќе биде шанса за можна деблокада на сметката на општина Охрид. Владата ќе помогне но ќе биде потребно разбирање и од доверителите. Процесот ќе го спроведуваме внимателно, со строго поставени критериуми, и гарантираме дека нема да има селективност ниту фаворизирање. Во исто време мора да бидат активни и механизми за натамошно сосдавање на долгови. Еден од тие механизими е законското ограничување според кое општините не смеат да го зголемат буџетот за повеќе од 10% во однос на претходната година. Секако, се очекуваат и упатства од власта за постапување во однос на операцијата за раздолжување – вели Бежоски од општина Охрид.
Од Владата најавуваат дополнителни механизми за контрола на финансиите на локално ниво
– Како системско решение, општините да не навлегуваат во нови долгови, предвидено е контролен механизам во член 2 на законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Имено општините сопствените приходи може да ги планира најмногу до 10 посто од просечните приходи во последните три години – изјави Сухејл Фазлиу министер за локална самоуправа.
Собраниската дебата за ребаланс на Буџетот стартува оваа недела, а по исцрпување на комисиската расправа ќе следува и дебата на пленарна седница пред конечно изгласување на измените во буџетската каса.