Турското Mинистерство за надворешни работи денеска го повика на разговор американскиот амбасадор Дејвид Сатерфилд поради вчера усвоената резолуција од страна на Сенатот на САД, според која масовното убиство на Ерменците од страна на Османлиите пред еден век претставува геноцид.
Анкара го оцени тој потег за неважечки и ги обвини американските пратеници за политизирање на историјата.
Резолуцијата е предлог на демократскиот сенатор Роберт Менендез од Њу Џерси и републиканскиот сенатор Тед Круз од Тексас и со неа се потврдува дека геноцидот навистина се случил и Турција е одговорна за истиот. Таа веќе трипати беше одбиена на барање на Белата куќа, но вчера беше едногласно одобрена.
Турција со години лобира против американското признавање на геноцидот над Ерменците.
Арам Хампаријан, извршниот директор на Ерменскиот национален комитет во САД, турското повеќедецениско спротивставување на Резолуцијата го оцени како „најдолгото вето на американската надворешна политика“.
Според историчарите речиси милион и пол Ерменци се убиени во периодот од 1915 до 1917 година и го оценуваат за првиот геноцид во 20 век. Турција ја оспорува таквата квалификација тврдејќи дека цифрата на убиени е преувеличена, а убиените се всушност жртви на граѓанската војна.