Алтер Сцена е нов аудиовизуелен продукт што низ 12 концертни епизоди во кои главна улога имаат музичарите , има за цел да ја промовира и афирмира домашната музичка сцена. Секоја епизода се состои од 30 – минутен полу-акустичен настап на два различни бенда или соло музичари, чиј музички стил и авторски дела сепак се сретнуваат во некои заеднички точки.
Концептот на шоуто е свеж и оригинален – нема водители, нема поздрави до спонзорите, едноставно поканети се звучни музички имиња и млади перспективни музичари на заеднички настап пред мала, интимна публика и пред камерите.
Изминатиот викенд, премиерно беше емитувана првата епизода од Алтер Сцена, каде на иста сцена, заеднички настапија Pluto’s Doubts и авангардните PMG Kolektiv. Двата бенда изведоа по 3 свои авторски нумери, а во паузите лежерно разговараа за својата музика, искуствата и инспирацијата.
Алтер Сцена се случува во време кога на македонската музичка сцена најмногу и е потребен “ветер во грб“ или попрецизно, кога во морето од здодевни политички вести, банални содржини и шоу-бизнис сензации, вистинските културни случувања се оставени на маргините на медиумските приоритети. Домашната музичка сцена е активна, а се чини дека никој “не ги насочува рефлекторите“ кон младите талентирани музичари.
„Глобалната музичка хиперпродукција го засенува домашниот звук. И тоа не е поради квалитетот со кој се издвојува, туку поради нашите напуштени навики да следиме што има ново кај нас во музиката. Оттаму и нашата идеја да продуцираме музичка емисија со поинаков концепт од се досега, со сериозен потенцијал да прерасне во културна платформа. Токму тоа е нашата цел: да поттикнеме поголема медиумска поддршка за промоција на културата, да иницираме колаборации помеѓу артистите, да ги охрабриме младите перспективни музичари, но и да стимулираме интелектуална љубопитност за културните вредности помеѓу публиката, како и општа свест за културната реалност во земјава. Алтер Сцена е нов медиумски простор резервиран за музичките таленти и за нивниот избор да ја изведуваат музиката онака автентично како што ја доживуваат.“ – вели Марина Макенаџиевa, една од основачите на Алтер, под чија капа се реализира проектот Алтер Сцена.
Алтер Сцена уште во својата најавна кампања доби силна поддршка од македонската јавност на социјалните медиуми, но и од многу докажани имиња од музичката сцена кои повикаа на поддршка за автентичноста, авторството, афинитетите, алтернативната музика, активизмот во културата… под слоганот Креирај. Слушни. Поддржи.
Алтер Сцена ќе се емитува секоја недела во 17:30 часот на ТВ21, како и на каналите на социјалните медиуми истовремено.