„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни, продажбите достигнуваат 3.647.869.385 денари, што е за 4 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 701.478.745 денари, бележи зголемување од околу 8 отсто, единечната нето добивка изнесува 400.335.106 денари и истата е зголемена за 7 отсто.
Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.787.739.685 денари, што е за 5 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се на исто ниво, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 8 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 37 отсто се остварени на домашен пазар, додека 63 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто и на останатите пазари се остварени 2 отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Полска со продажби од 24.857.778 денари што е 7,4 пати повеќе од лани, потоа во Унгарија со продажби од 70.759.053 денари што претставува зголемување од 6 пати и САД со продажби од 97.149.017 денари што е двојно повеќе споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Украина раст од 88 отсто, Чешка раст од 48 отсто, Србија раст од 24 отсто, Косово раст од 23 отсто, Хрватска раст од 4 отсто итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21 отсто, Кардиолошките препарати со 17 отсто, Антибиотиците со 14 отсто, Невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 16 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3 отсто, Козметика со 10 отсто и Билкарство учествува со 3 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 710.685.721 денари бележи раст од 6 отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 376.774.462 денари е зголемена за 4 отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2018 година изнесуваат 561.358.225 денари што е претставува зголемување за 74 отсто во однос на истиот период од 2017 година.
Во периодот јануари – јуни 2018 година во Алкалоид се реализирани 105 нови вработувања во Република Македонија.