„Алкалоид“ ги зголеми извозот добивката и бројот на вработени

Во првото тримесечие „Алкалоид“ реализира раст на извозот од 9 отсто, на нето добивка од 7 отсто, реализираше инвестиции во износ од 357,3 милиони денари и вработи 51 нови луѓе.

191

„Алкалоид“ оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – март 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – март, продажбите достигнуваат 1.845.629.963 денари, што е за 4 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 365.029.832 денари, бележи зголемување од околу 7 отсто, единечната нето добивка изнесува 215.295.378 денари и истата е зголемена за 6 отсто.

Вкупните консолидирани продажби во првите три месеци од годината изнесуваат 2.458.001.587 денари, што е за 5 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се на исто ниво, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 9 отсто.

Од вкупните консолидирани продажби, 36 отсто се остварени на домашен пазар, додека 64 отсто се остварени на странски пазари.

Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 8 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто и на останатите пазари се остварени 2 отсто.

Најзабележителен раст е остварен во САД со продажби од 49.862.281 денари што претставува зголемување за 2,7 пати и Унгарија со продажби од 29.834.403 денари што претставува зголемување за 10 пати споредено со истиот период лани.

Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Полска раст од 353 отсто, Украина раст од 123 отсто, Косово раст од 38 отсто, Чешка раст од 31 отсто, Србија раст од 28 отсто…

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 85 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 19 отсто, Кардиолошките препарати со 16 отсто, Антибиотиците со 17 отсто, Невролошките препарати заземаат 13 отсто од продажбата.

Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 15 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3 отсто, Козметика со 8 отсто и Билкарство учествува со 4 отсто.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 414.007.823 денари бележи раст од 6 отсто додека нето консолидираната добивка во износ од 246.800.792 денари е зголемена за 7 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2018 година изнесуваат 357.342.100 денари што е речиси трикратно зголемување во однос на истиот период од 2017 година.

Во периодот јануари – март 2018 година во Алкалоид се реализирани 51 нови вработувања во Република Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...