Албанските опозицски демократи по повод 8 декември, Националниот празник на младите, одржаа собир во дворот на Студентскиот град, каде пред 28 години почна студентското движење, кое доведе до пад на комунистичката диктатура во земјата.
Љуљзим Баша, лидерот на Демократската партија, формирана по протестите на 8 декември 1990 година, во обраќањето направи кус приказ за случувањата во земјата, од почетокот на студенското движење до денес.
Ова е ден, рече тој, кога им оддаваме почит за студентите од декември, за храброста со која ја донеоса политичката слобода за Албанците по 45 години владеење на една игнорантска клика. Голема почит тој искажа за Азем Хајдари, кој, како што рече Баша, стана „душа на протестот“.
Според него, само обединети може да ја совладаат диктатурата.
– Овој ден не потсетува дека само оние кои излегуваат на протести се слободни оти само со единство може да се урне диктатура. Ова е празник на секој граѓанин, првата лекција ја даваат обединетите студенти од вториот декември – посочи Баша.
Тој предупреди дека доколку нема проверка на потеклото на имотот на политичарите и нивна вмешаност во криминални актвиности, тогаш „парламентот ќе биде урнат“.
Баша упати апел до родителите на студентите да не молчат, да не се плашат, да се обединат со нив против „неправдата, грабежот, злото“ бидејќи „тие можат да се победат само кога народот е единствен“.
Во спомен на студентското движење, со одлука на албанскиот парламент од 2009 година, 8 декември се одбележува како Национален празник на младите.