Уставниот суд на Албанија денеска остана со само еден од вкупно деветте судии, колку што вкупно брои оваа институција во полн состав, откако беше разрешен судијата Гани Диздари.
Посебниот апелациски колегум ја потврди претходно донесената одлука на Независната комисија за проверка на потеклото на имотот за Диздари, во чија изјава имало контрадикторности околу површината на земјиштето и цената за која го купил. Комисијата, исто така, констатирала дека Диздари бил поврзан со лица со криминлни досиеја.
Со неговото разрешување единствен судија во Уставниот суд остана Виторе Туша.
Кон средината на декември минатата година беше разрешен претседателот на Уставнот суд, Башким Дедја, откако не можеше да го објасни потеклото на неговиот имот. Посебната комисија соопшти дека Дедја дал неточни изјави за имотот, дека го прикривал и дека не можел да го објасни како го стекнал со своите приходи.
Поради не поминување на судиите на проверката за потекло на имотот и вмешаност во криминални активности или попознато како ветинг, Уставниот суд на Албанија не функционира речиси една година.