Сцената на центарот „Григор Прличев“ во рамки на Фестивалот „Охридско лето„ вечерва е резервирана за претставата „Смртта на Дантон“ поставка на босанскиот режисер Дино Мустафиќ, во изведба на Албнскиот театар од Скопје.
Драмата „Смртта на Дантон“ авторот Георг Бихнер ја напишал во 1837 година во златниот период на германскиот романтизам на неполни 22 години, само две години пред да почине од тифус. Независно револуционерните идеи авторот во оваа драма покажува и сомнеж за начинот на спроведување на револуционерните промени, поставувајќи го прашањето: кога престанува револуцијата? Токму поради тоа дејството во драмата се фокусира на периодот на владеењето и раздорот на самите револуционери.
Според драматургот на претставата Жељка Удовичиќ – Плештина, суштината во дејството лежи во судирот меѓу Дантон и Робеспјер, односно меѓу две различни сфаќања за тоа каква би требало да биде државата по спроведената револуција. Дантон од самиот почеток е прикажан како декадентен човек, склон на хедонизам, но неговите политички ставови се либерални и толерантни. Робеспјер, пак, се колне во доблеста, за себе тврди дека има чиста совест, но ги убива сите кои размислуваат поинаку од него бидејќи, доблеста мора да владее со помош на терор.
Поради користењето на богатиот документарен материјал и монтажата на цитатите и историските извори „Смртта на Дантон“ во комбинација со авторската интерпретација на темата, во времето кога била напишана предизвикала многу контроверзии и ја чекала праизведбата повеќе од 60 години. Денес ова дело се смета за предвесник на т.н. документарен театар.
Според Жељка Удовичиќ – Плештина, токму тој факт дава можност, но и обврска преку „Смртта на Дантон“, да се проговори за сегашноста.
„Економската криза нѐ слабее, социјалните неправди се модус за животот на мнозинството – неолибералниот капитализам безмилосно ги гази нашите егзистенции не оставајќи ни излез, теророт на медиумите ги става на гилотина неподобните, но на хоризонтот не се гледа радикална општествена промена. Го поставуваме прашањето: дали денес револуција е воопшто можна?, ќе забележи драматургот.
Режисерот на претставата Дино Мустафиќ е дипломец на Академијата за сценски уметности во Сараево отсек режија, како и дипломец по општа книжевност на Филозофскиот факултет во Сараево. Режира во многу театри и градови како Париз, Софија, Белград, Тирана, Љубљана, Скопје, Приштина, Подгорица…Неговите претстави се изведувани ширум светот на различни јазици и имаат освојувано награди на многу домашни и меѓународни фестивали. Претставата „Хелвеовата ноќ“ на „Камерниот театар 55 “влезе во историјата на Босанско Херцеговскиот театар како најнаградувана со 23 меѓународни признанија.
Режирал над 80 претстави на класични и современи писатели. Снимал повеќе документарни филмови со кои бил на реномирани фестивали за документарен филм, Монтреал , Амстердам, Истамбул и др.
За претставата е ангажирана бројна екипа од над 20 актери на Албанскиот театар.