Албанскиот театар од Скопје победник на фестивалот „Албански театар во Македонија“

127

Албанскиот театар од Скопје, со претавата „Жени“ е апсолутен победник на 17-то издание на фестивалот „Албански театар во Македонија“, што традиционалано се одржува во Дебар.

Оваа претстава, со која синоќа беа спуштени завесите на фестивалот, ги освои петте главни награди.

Таа беше прогласена за најдобра претстава, режисерот Ќендрим Рихани ја доби наградата за најдобра режија, додека наградите  за најдобра актерка и најдобар актер отидоа во рацете на Вјолца Бектеши-Хамити и Клемент Кономи.

На познатата актерка од овој театар, Теута Ајдини-Јегени, која по потекло е од Дебар, ѝ припадна специјалната награда што се доделува за особени остварувања во областа на тетарската уметност. Теута е ќерка на покоиниот познат актер Ќемал Ајдини, еден од основачите на албанскиот театар во Скопје, кој прерано ги напушти штиците што живот значат.

Во изминатите седум фестивалски денови, пред дебарската публика се претставија тетари од Тетово, Прешево, Ѓирокастро, Гњилане, и Скопје.

Дебрани имаа пријатна можност на првата фестивалска вечер, вон конкуренција, да ја проследат кореодрамата „Кумт“ во изведба на Националниот ансамбл за песни и ора „Шота“ од Приштина. Претставата е посветена на националниот јунак Ѓерѓ Кастриот Скендербег а подготвена по повод 550 годишнината од неговата смрт, што се одбележува годинава.

– Ви благодарам за големото присуство на сите претстави, со што докажавме уште еднаш дека дебарчани знаат што е уметност и истата достоинствено ја ценат. Им благодарам и на учесниците нивните успешни претстави. Се надевам дека до година ќе се оствари нашиот сон, фестивалот да биде институционализиран од страна на Министерството за култура на Република Македонија, со што ќе добиеме повеќе средства, а тоа значи и побогата фестивалска програма – рече, меѓудругото, директорот на фестивалот Илбер Нуредини прогласувајќи го фестивалот за затворен.

Оваа манифестација и годинава финансиски беше подржана од македонското министерство за култура, со 600 илјади денари, како и други спонзори, особено „Дебарски Бањи-Цапа“. За првпат, фестивалот годинава финансиски не го поддржа локалната власт.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...