Албанската полиција за два дена откри три групи со вкупно 88 нелегални имигранти главно од Сирија, во близина на преминот Капштица, на албанско-грчката граница кај Корча.
Првата група од 32 Сиријци и Палестинци, сите мажи, откриена е откако илегално ја минале границата. Втората група ја сочинувале 22 имигранти, исто така мажи од Сирија а биле откриени во автобус. Во третата група од 34 имигранти имало мажи, жени и деца.
Откако дале изјави во Управата за граница и миграција, тие се транспортирани во Центарот за азил во Бабру, во близина на Тирана.
Од регионалниот полициски комесаријат во Корча потврдуваат дека зачестиле групите нелегални имигранти од Блискиот Исток, кои преку зелениот појас на границата со Грција влегуваат на албанска територија. Нивна цел е само транзит да минат низ Албанија и да го продолжат патот кон Црна Гора, а од таму кон некоја западно европска земја.
Полициската статистика потврдува дека во изминатиот период од годинава, посебно во последните неколку месеци, откриени се околу 4.000 илегални имигранти, главно од Сирија, Ирак, Авганистан и Северна Африка.
На трговците со луѓе за да бидат пренесени до црногорската граница им плаќаат по 500 евра, додека за Италија 1.200 евра по човек.