Белградскиот весник „Курир“ пишува денеска дека албанската мафија само во изминатите десет години испрала повеќе од една и пол милијарда евра на црниот пазар на недвижности во Србија.
Според соговорниците на весникот, албанската мафија на тој начин „станала можеби и најголемиот играч во разработената шема на перење пари стекнати во криминал – главно преку трговија на дрога и оружје“.
Поранешниот директор на белградската полиција Марко Ницовиќ изјави за „Курир“ дека албанските мафијаши купувајќи градежни земјишта, градејќи згради и купувајќи недвижности, во Србија годишно испрале меѓу 80 и 100 милиони евра, „и тоа преку т.н. српски бизнисмени“.
– Во тие трансакции, по правило, никогаш не се појавува Албанец, туку тоа се врши преку некој, да речеме, Петар Петровиќ од Минхен, кој за одреден процент служи како фасада. Посебно на мета им биле југот и југоистокот на Србија – тврди Ницовиќ.
Тој додава дека албанските наркокланови истиот шаблон го користат и за освојување недвижности во јадранскиот регион на Хрватска и Црна Гора, како и во БиХ.