Албанија ќе претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2020 година.
– Повеќегодишното барање на нашата земја денеска доби зелено светло. Од 1 јануари 2019 година, Албанија станува дел од тројката. Веста ја објави актуелниот претседавач на ОБСЕ, Италија на Твитер – јавија албанските медуми.
Одлуката ја поздрави амбасадорот на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца, кој искажа поддршка за оваа значајна улога, што Албанија ќе ја преземе во 2020 година.
-Амбасадата на ЕУ во Албанија ја поздравува одлуката за одобрување на кандидатурата на Албанија за претседавање со ОБСЕ. Со нетрпение очекуваме да ја дадеме нашата поддршка на Албанија и за оваа значајна улога, напиша евроамбасадорот Сореца на Твитер.
Седиштето на ОБСЕ е во Виена, во неа членуваат 57 земји од Европа, централна Азија и северна Америка.