Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов денеска на прес-конференција соопшти дека е утврдена болеста „трихинелоза“ кај дивите свињи на територијата на речиси цела Македонија.
Како што истакна Атанасов, има податоци дека „трихинелоза“ не е присутна само во Македонија, туку ја има и во регионот.
Директорот апелира граѓаните да не бидат загрижени зашто месото во продавниците е безбедно.
-АХВ утврди присуство на „трихинелоза“ во Радовиш, Кривопаланечко, Валандово, Битола и Струмичко. Во двете ловни сезони 2017/2018 и 2018/2019 лабораториски се испитани 594 примероци од диви свињи од кои 13 се позитивни – информира директорот.
Според него, трихинелозата е паразитарно заразно заболување кое може да се пренесе од животните на луѓето поради што, ако се забележи кај животните, треба задолжително да се пријави.
Најчести причини за појава на болеста кај луѓето е конзумирање сурово или недоволно термички обработено месо или месни производи од домашни свињи, коњи, дивеч, мечки кои се заразени со ларвите на „трихинелоза“.
-Апелираме одгледувачите на свињи за домашна употреба грлата да ги колат во одобрени кланици каде ќе се изврши преглед на месото. Ако колењето не се врши во одобрен објект се препорачува од трупот да се земат мостри и да се достават до најблиската овластена лабораторија. Ги повикуваме одгледувачите на свињи да спречат изложеност на домашните свињи на глодари и дивеч, а угинатите животни веднаш да се отстранат од одгледувалиштето – нагласи Атанасов.
Тој предупреди дека „трихинелозата“ е многу продорна и кај животните, па заразеното може да има неколку стотици ларви на грам во мускулите. Пренесувањето на болеста може да продолжи и по угинувањето зашто ларвите се способни да преживеат во труповите подолго време што е потенцијален ризик за животните кои се хранат со мрши. Некои видови трихинела формираат капсули со ларви во мускулите кои може да останат активни со години.
Во Македонија трихинелоза последен пат е утврдена во 2008 година. Не е детектирана ниту во претходните ловни сезони од 2013 до 2017 година.