Идеологот на американската алтернативната десница, Стив Банон, веќе побарал регистрација на неговото движење во белгискиот Службен Весник во јануари 2017 преку локален политичар, познат по неговите крајно десничарски позиции, јави дописничката на МИА од Брисел.
Стив Банон во саботата во интервју за „Дејли Бист“ откри дека планира да ги обединува европските крајно десни партии. Од вчера, на социјалните мрежи циркулира линк од барањето за регистрација во белгискиот Службен Весник на „Движењето“ (The Movement) – како што е ословен проектот на Банон.
„Движењето“ е основано како Фондација и во своите статути се дефинира како „врска“ помеѓу Доналд Трамп во САД и политичките движења во други земји. Целите на Фондацијата се, меѓу другото, „национален суверенитет“, „борба против радикалниот Ислам“, „одбрана на Израел“ и „недогматски пристап кон климатските прашања“.
Претседателот и основач на Фондацијата е белгискиот политичар, Микаел Модрикамен, основач на „Народната Партија“ на Белгија и отворено се декларира како близок до екстремната десница на Французинката Марин Ле Пен.
Во административниот одбор на „Движењето“ се појавува и Лор Ферари, Французинка од популистичката партија „На нозе Франција“, позната по нејзините тесни врски со британскиот про-Брегзит политичар и европратеник, Најџел Фараж.
Модрикамен потврди за медиумите дека го основал „Движењето“, но одби да соопшти повеќе детали, оценувајќи дека е „прерано“.
Банон во интервјуто за „Дејли Бист“ најави дека сака да ги обединува „популистите“ во Европа како Ле Пен, Орбан, Фараж, поточно националистите кои се борат против обединета Европска Унија и либералните идеи, пред следните избори за Европскиот Парламент во 2019. Амбицијата на Банон е да стане популистички пандан на Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос.
До сега националистичките движења во Европа, иако се обиделе повеќепати, никогаш не успеале да се обединат во една политичка група, како што е случај со традиционалните партии. Обиди имаше и по последните европски избори во 2014, но проектот бргу пропадна поради внатрешни несогласувања.