Акциите на Бетон Штип се исклучени од берзата

За Бетон Штип е поведена стечајна постапка на 2 јули годинава. Првичните побарувања само од три фирми кои биле предлагачи за отворање на стечајна постапка, изнесуваат 76, 7 милиони денари.

280

Акциите на градежната компанија Бетон од Штип од денеска нема да котираат на берзата, одлучи Одборот на директори на Македонската берза на вчерашната седница.

„Акциите издадени од Бетон АД Штип ќе бидат исклучени од котација на Официјалниот пазар на берзата (Задолжителна котација), почнувајќи од 12.07.2019 година“, соопшти берзата.

Како причина за одлуката се наведува дека за компанијата се води стечајна постапка.

За Бетон Штип е поведена стечајна постапка на 2 јули годинава. Првичните побарувања само од три фирми кои биле предлагачи за отворање на стечајна постапка, изнесуваат 76, 7 милиони денари.

Компанијата, поради лошата финансиска состојба лани ги запре работите на сите објекти во Штип како и на Офицерскиот дом и на хотелот до Офицерскиот дом и зградата на ФИНКИ.

Бетон Штип е позната и по тоа што работеше на седум објекти од проектот „Скопје 2014“ за вкупна вредност од 55 милиони евра. Најголеми договори има склучено со државата за ФИНКИ – 12.804.035 евра, МЕПСО – 10.579.065 евра и за заедничката зграда на Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј – 9.064.807 евра.

Компанијата се споменува и во предметот на СЈО „Тендери“ против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, која е обвинета за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања за местење тендер.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...