Таксират фестивал годинава го одбележува своето јубилејно 20-то издание, а прославата за 20 години алтернатива во Македонија стигнува и во рамките на претстојното издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, кој ќе се одржи во МКЦ од 3 до 6 мај. Како резултат на оваа соработка на „Таксират“ и организацијата „Тиииит! Инк“, во Скопје ја пречекуваме американската пејачка со светско реноме, феноменалната Акуа нару. На концертот за затворање на „Прво па женско“, на 6 мај (недела) во МКЦ, за првпат кај нас, македонската публика ќе има можност да ја чуе во живо една од водечките женски хип-хоп вокали.
Нејзината музика претставува комбинација на хип-хоп, џез и соул. Себеси се опишува како политичка хип-хоп уметница и активистка. Нејзиниот звук го споредуваат со флоуто на Раким, поетиката на Лорин Хил и, конечно, во единствената моќ да говори во име на Афроамериканките, со Нина Симон. Акуа храбро јо комбинира „новата“ и „старата“ школа, бранејќи ги своите ставови со уникатни метафори.
Акуа Нару зад себе има три албуми, „The Journey Aflame“, „Live and Aflame Sessions“, „The Miner’s Canary“, како и ширум светот познатите хитови „Poetry: How Does It Feel?“ и „The world is listening“. Со објавувањето на деби-албумот „…The Journey Aflame“, Нару се позиционираше на музичката сцена како пример на тоа што жените можат да бидат во хип-хоп музиката. За овој албум пишуваа многумина познати хип-хоп критичари, од Њујорк до Москва. Синглот „The World Is Listening“ набрзо се најде на првото место на листата на американското колеџ радио, се вртеше по радиостаниците во Франција и во Германија и се продаваше по продавниците за плочи од Париз до Токио.
Со својот препознатлив бум бап хип-хоп звук, општествено разбудените рими и џез-соул елементи, Нару го привлече вниманието и доби многу охрабрувачки критики. Ја споредуваат со хип-хоп ерата од 90-тите, нејзиниот музички и поетски талент високо го ценат еминентни хип-хоп критичари, а нејзините настапи во живо се жестоки и незаборавни. Настапува придружувана од бендот „Д Дигфло“, ансамбл со шест члена на удиралки, клавијатури, саксофон/флејта, бас, гитара и миксер. Акуа Нару и нејзиниот бенд навистина ја заробуваат, ја инспирираат и покренуваат публиката. Јасно е, музиката и настапот на Акуа Нару се тестамент за наследството на соул-музиката и на моќните жени во музиката воопшто.
Влезници во продажба
И додека светската сцена го очекува објавувањето на нејзиниот нов албум „The Blackest Joy“ закажано за 27 април, во рамките на истоимената турнеја со која оваа пролет таа гостува во светските метрополи, вистинска привилегија е извонредната Нару да ја пречекаме и во Скопје, на 6 мај во рамки на „Прво па женско“. Билетите во претпродажба ќе бидат пуштени веќе на 18 април, кога ќе бидат објавени и сите дополнителни информации.