Расизмот е се уште актуелен, смета оваа хип-хоп, џез и соул пејачка чија музика е ангажирана, а во центарот на нејзиниот наратив е Црната жена.
Единствената работа која можеме да ја направиме во овој луд свет е да се едуцираме повеќе и да се обидеме да бидеме што поинформирани. Имаме одговорност да се запрашаме што значи да се биде роден во одредено тело, со одредена боја и идентитет.
Преку својата музика оваа Афроамериканка, поетеса, хип-хоп пејачка, феминистка, активистка за човекови права и социјална правда, професорка на колеџ, порачува дека се жените моќни, а нивниот глас е важен, дека ако една личност не е слободна, никој не е, и згора на се, дека поезијата е нејзината прва љубов.
Синоќа, во МКЦ, таа се воодушеви од тоа што македонската публика ги знае текстовите на нејзините песни иако е првпат во Македонија кадешто го промовираше својот нов албум „The Blackest Joy“.
Со оглед на тоа што освен како хип хоп, џез и соул пејачка, Акуа Нару се опишува себеси како политичка хип-хоп уметница и активистка, голем дел од концертот таа ги бранеше своите ставови со уникатни метафори, и успеа да го задржи вниманието на големиот број присутни на концертот.