Претставата „Отело“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Нина Николиќ, премиерно ќе биде прикажана пред публиката во Скопје на 4 декември, информираат од Македонскиот народен театар (МНТ).
Претходно, на 16 ноември „Отело“ ќе ја има својата премиера во Босанското народно позориште, Зеница – БиХ.
Овој меѓународен проект е копродукција помеѓу МНТ, Босанското народно позориште и Перипетија продукција – Скопје и во кој играат актери од двете земји: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.
„Според драматургот на претставата, Тамара Барачков, третманот на класиката во современите театарски пракси отвора простор за истражување на начинот на претставување на текстот на сцена, но и испитување, во контекст на овдешните прилики на клучните мотиви и проблеми со кои се занимава драмата. Ова читање на „Отело“ е карактеристично поради радикалниот пристап кон Шекспировиот јазик и стил, што е можеби најочигледната интервенција на текстот. Имавме цел да истражиме на кој начин и во која мера трансформацијата на јазикот и „преведувањето“ во современ говор може да влијае не само на изворниот Шекспиров ракопис туку и на прашањата што ги нуди драмата. Така, јазикот стана оголен, директен и лишен од поетичноста, со што се акцентирани и нагласени и актуелни теми денес“, соопштија од МНТ.
Сепак, додаваат оттаму, во одредена мера поетичноста е задржана само во начинот на говорот на Отело, што претставува уште една негова дистинкција, детал што го одвојува овој лик од другите.
„Исто така, со постапката македонските и босанските глумци да ги играат улогите секој на својот мајчин јазик, додатно се развива поигрувањето со говорот како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање. Јаго во оваа претстава не е олицетворение на злото, туку човек со слабости, несреќен и несигурен, можеби и несвесен дека една интрига и ситна пакост, која ја прави поради одмазда, ќе покрене ланец на крвави, трагични настани. Во таа смисла, немавме цел ниту самиот Отело да го ослободиме од вина и од одговорност за убиството ниту да ги прикажеме неговите дела и однесување исклучиво како последица на сплетките и лагите на Јаго. Низ приказната за љубомората и стравот од неверство, се проблематизира односот кон жените што го препознаваме и во денешното традиционално патријархално општество“, пишува во соопштението од МНТ.
Сценографското решение на претставата е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска, костимограф, на сценските движења работел Димитриос Сотириу, текстот го превеле Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер за дизајнот на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.
Билетите за премиерата и следната изведба, која е закажана на 5 декември, се пуштени во продажба преку онлајн системот и на билетарницата во МНТ.