Акропол попладнево затворен од безбедносни причини

67

Министерството за култура на Грција соопшти дека од 14.30 часот по локално време (13.30 часот по средноевропско време), Акропол ќе биде затворен за посетители од безбедносни причини, поради најавите од грчката метеоролошка служба за ново невреме во попладневните часови, јави дописничката на МИА од Атина.

Оваа одлука доаѓа откако вчера, од удар на гром во археолошкиот локалитет, полесно беа повредени четири лица и пренесени во болница.

Громот удрил во громобран што се наоѓа на Акропол, а електричното празнење се префрлило на металните делови од двете куќарки за чуварите на археолошкиот локалитет, во кои се наоѓале двете жени кои биле на нивното работно место и беа полесно повредени.

Двајца туристи кои биле на Акропол, се здобиле со полесни повреди од парчиња метал и стакло.

– Громот удри во голема карпа. Слушнавме силен удар, се обидовме да се заштитиме, почнаа да летаат парчиња камења на сите страни – раскажува туристката за грчките медиуми.

Нејзиниот пријател вели дека видел девојка како лежи на земја, облеана во крв со изгорена коса, а веројатно станува збор за една од повредените чувари на Акропол.

Веднаш по несреќата, археолошкиот локалитет беше затворен, а Министерството за култура на Грција соопшти дека на Акропол не е причинета материјална штета.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...