Ако сте на пракса подолго од три месеци, ќе мора да ви плаќаат колку што е минималната плата ВИДЕО

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, потенцираше дека со овој закон, кој за првпат се воведува во правната регулатива на Република Македонија, се пополнува една празнина и на одреден начин се решава јазот помеѓу знаењата и вештините и понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

1156

Денес започна јавната расправа за целосно новиот Предлог закон за практиканство, со кој во правни рамки се става оваа дејност и преку кој се дефинираат правата и обврските на практикантите – лица од 15 до 29 години, како и на компаниите кои имаат потреба од ваков вид на кадар.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, потенцираше дека со овој закон, кој за првпат се воведува во правната регулатива на Република Македонија, се пополнува една празнина и на одреден начин се решава јазот помеѓу знаењата и вештините и понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

– Еден од најголемите проблеми за компаниите е обезбедување на соодветен кадар за нивните потреби. Практично, преку законското решение помагаме и олеснуваме младите луѓе да ги добијат потребните вештини за работа, како надополнување на нивното теоретско знаење, додека на компаниите им даваме шанса и можност да младите кадри да ги профилираат согласно потребите на реалната економија, со што се олеснува и вработувањето на младите лица – додаде Анѓушев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, нагласи дека платеното практично и професионално искуство ќе треба да ја подобри вработливоста и да се помогне периодот кон редовно вработување, што се потврдува и преку имплементацијата на мерката практиканство која е дел од Оперативниот план и се спроведува преку Агенцијата за вработување. Имено преку оваа мерка, од 902 лица вклучени во проектот, дури 50 отсто или 455 лица се веќе вработени.

– Периодот во кој лицата може да бидат ангажирани како практиканти е од 1 до 6 месеци. За ангажирањето до 3 месеци дефинирано е дека компаниите треба да надоместуваат 5.000 денари месечно, а сите што ќе останат на практикантска работа над 3 месеци ќе добиваат надоместок во висина на законски утврдената минимална плата – дополни Царовска.

Практиканството е добар модел кој се спроведува во сите развиени општества, смета Татјана Марковска од УСАИД.

– Анкетите направени на примерок од 800 ученици во основното и средното образование покажуваат дека тие сметаат дека спроведената пракса е предност во случај на можност за вработување – истакна Марковска.

Носител на Предлог законот за практиканство е Министерството за труд и социјална политика, а истиот е изработен со поддршка на УСАИД, како дел од проектот „Партнерство преку подобра бизнис регулатива“, кој се спроведува во соработка со стопанските комори. Во изработката на законот беа вклучени сите социјални партнери и претставници на невладиниот сектор, а е резулатат од барањата и предлозите на работадавачите и невработените лица. На днешената расправа се поканети и учествуваат сите социјални партнери кои учествуваа во изработката на текстот на законот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...