Ако победи на изборите, Нова демократија ќе го смени законот за доделување дозволи за затвореници

682

Доколку Нова демократија добие доверба од граѓаните веднаш ќе го смени законот за дозволи што денес се даваат, дури и на убијците кои не се каат, соопштуваат од најголемата грчка опозициска партија по повод денешната одлука на Врховниот суд на Грција за дозволата за Димитрис Куфодинас, јави дописничката на МИА од Атина.

– Нова демократија нема да ја коментира денешната одлука на правосудните органи. Но, ќе потсети дека, доколку граѓаните ѝ дадат доверба, нејзино обврзување е веднаш да го смени законот за дозволи што денес се даваат, дури и на убијците кои не се каат, соопштуваат од Нова демократија.

Како што претходно објави МИА, кривичниот оддел на Врховниот суд на Грција го прифати предлогот на обвинителката Ксени Димитриу за отфрлање на одлуката на судот во Волос, според која беше одбиено барањето на еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември“, Димитрис Куфодинас да добие неколкудневна дозвола за излез од затвор, а со тоа неговото барање одново ќе биде разгледано од надлежниот суд во грчкиот град, каде што тој ја отслужува затворската казна.

Според грчките медиуми, Врховниот суд оценил дека и оние кои што се осудени на повеќе од една доживотна затворска казна имаат право да добиваат редовни дозволи за излез од затвор.

Димитрис Куфодинас кој е осуден на 11 доживотни затворски казни за убиства, од втори мај започна штрајк со глад откако не беа задоволени неговите барања за добивање седма неколкудневна дозвола за излез од затвор. Неколку дена подоцна, од здравствени причини беше пренесен во болница во грчкиот град Волос (каде што ја отслужува затворската казна), а сега е на одделот за интензивна нега поради влошеното здравје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...