Ако не користи арбитража во договорите, Владата ќе окапе по судови

Татјана Штерјова од Стопанската комора појасни дека во земјава постојат две правни рамки за решавање на споровите со и без меѓународен елемент што дополнително ја комплицира состојбата.

811

Воведување единствен режим на арбитража за споровите без и со меѓународен елемент, а Владата и институциите почесто во договорите да ја вметнуваат клаузулата за решавање на споровите на арбитража, бара Стопанската комора во чии рамки работи Постојаниот избран суд – Арбитража.

– Очекуваме од Владата да направи мала измена во законодавството каде што ќе ни дозволи нас како арбитер, да арбитрираме некои спорови кои досега не ни беа дозволени согласно законот – изјави претседателот на Постојаниот избран суд – Арбитража, Горан Рафајловски, на денешната прес конференција.

Тој како што рече, очекува Владата, општините и другите државни институции во своите договори да ја вметнат клаузулата арбитража.

– Посебно во договорите со странските инвеститори, но и оние кои се однесуваат на работи на општините – рече Рафајловски.

Татјана Штерјова од Стопанската комора појасни дека во земјава постојат две правни рамки за решавање на споровите со и без меѓународен елемент што дополнително ја комплицира состојбата.

– Домашното законодавство уредува различна правна рамка за споровите со меѓународен елемент и за споровите без меѓународен елемент. Важечката правна рамка за споровите со меѓународен елемент е воспоставена во Законот за меѓународна трговска арбитража на Република Македонија од 2006 година, додека арбитражните постапки без меѓународен елемент во моментот се уредени со Законот за парничната постапка – вели Штерјова.

Во последните две години, додаде таа, 46 отсто од поведените постапки беа спорови што се без меѓународен елемент, додека 54 отсто се постапки со меѓународен елемент.

– Времетраењето на решавањето на споровите на арбитража последниве години се намалува од 226 дена во 2015 година, лани достигна до приближно шест месеци што е голема придобивка за деловните субјекти кои ги повеле споровите – рече Штерјова.

Истите постапки водени од редовните судови траат најмалку пет години.

Светските трендови покажуваат дека арбитражата се преферира од бизнис-заедницата за решавање на деловните спорови. Тоа го потврдуваат и податоците од арбитражното истражување спроведено минатата година, од страна на Универзитетот „Queen Mary“ од Лондон и Адвокатското друштво „White&Case“, кои покажале дека 97 отсто од анкетираните се изјасниле за арбитражата. Лондон, Париз, Женева, Сингапур и Хонг-Конг се најпреферирани места во кои се лоцира арбитражата.

– Во причините поради кои се определуваат за арбитражата главно се вбројуваат извршноста на одлуките, околноста што се избегнуваат националните правни системи и судовите во определена држава, како и флексибилноста на постапката, која може да се приспособи на потребите и очекувањата, што е од особена важност кога станува збор за спорови од некој специфичен сектор како енергетиката или градежништвото, или кога станува збор за странки кои потекнуваат од различни правни системи. Истовремено, за странките е важна нивната автономија во арбитражните постапки, која им дава можност да ги изберат арбитрите кои ќе постапуваат во конкретниот предмет, местото и јазикот на постапката, како и доверливоста, која е еден од основните принципи на арбитражната постапка – вели Штерјова.

Состојбата кај нас, вели Рафајловски, се подобрува во однос на она што го имавме во изминатите години.

– Иако одеше тешко, сепак, успеавме најголемиот дел од договорите на домашни и странски големи компании да имаат арбитражни клаузули – рече тој.

На прес-конференцијата беше најавена и конференција што ќе се одржи на 28 и 29 март, а централната тема на конференцијата ќе биде прашањето за унапредување на арбитражното законодавство.

Организатор на конференцијата е Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија со поддршка на Централно европската иницијатива и Амбасадата на Швајцарија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...