За многумина од нас, градите се само дел од телото, па често ги занемаруваме. За голем број жени, градите се последното нешто што би го прегледале без да почувствуваат болка или некоја чудна промена.
Меѓутоа, важно е да се грижите за нив и да ги следите сите евентуални промени кои ќе ги забележите. Единствено така секогаш ќе бидете чекор напред, кога станува збор за вашето здравје.
Понекогаш треба и самите да се прегледате, па ако забележите некоја од следниве промени, многу е важно што побрзо да се јавите кај вашиот лекар.
Јазли на дојките
Најчесто станува збор за циста. Ако јазолот е во форма на топче и „бега“ под притисок, најчесто е бенигна циста која може одеднаш да се појави и следниот циклус самата да исчезне. Симптомите на циста во дојките се болка и чувство на прободување и тие можат да се допрат ако се во близина на кожата и поголеми од 1 сантиметар. Најчесто стануваат поизразени пред појавата на месечниот циклус. Но, имајте на ум дека овој симптом може да биде и рак на дојка. Ако почувствувате маса во дојката која не се менува, веднаш побарајте совет од лекар. Доколку грутката е цврста, можеби станува збор за бенигни промени, или се работи за посериозни проблеми кои, сепак, треба да ги проверите со лекарот.
Грутки на ареолата
Станува збор за сосема природни промени на брадавиците. Улогата на дојките е производство на млеко, а ситните грутки означуваат завршеток на жлездата. Тие за време на менструалниот циклус можат да се зголемат и да станат многу поизразени. Но, ако забележите дека една од вашите дојки, или пак двете, имаат необично изразени грутки, тоа може да биде знак за цисти. Тие не се опасни, но сепак, треба да се контролираат. Од друга страна, во најлошото сценарио, грутките на ареолата можат да укажуваат и на тумор. Какви било промени во дојките, особено оние кои можат да се видат со голо око или да се допрат, мора веднаш да се пријават на гинеколог.
Осип на брадавиците
Трагите кои потсетуваат на убод од инсект, црвенило или осип од алергиска реакција, кои не поминуваат ниту по неколку недели можат да бидат предупредување за посериозни болести, па дури и за некој облик рак на дојка.
Набрана кожа. Ако ткивото околу градите стане набрано како кора од портокал, тоа може да укажува на затнати лимфни јазли, што повторно може да укажува на инфламаторен рак на дојка.
Бенка или белег кој менува облик или боја
Ракот на кожа најчесто се јавува на другите делови на телото, но градите, исто така, можат да бидат мета на оваа болест. Обрнете внимание на асиметријата, рабовите на бенките кои се неправилни, исто како и на варијацијата на бојата и на тоа дали расте или се шири. За секоја промена посетете лекар!
Појава на влакненца на дојката
Најчесто станува збор за реакција на одредени препарати или лекови кои содржат тестостерон, машкиот хормон, но може да биде знак и за синдром на полицистични јајчници. Останатите симптоми кои укажуваат на цисти во јајчниците се појава на акни и нередовен месечен циклус.
Jазлесто ткиво во дојките
Често укажува на проширување на млечните канали, познато како мастопатија. Станува збор за честа промена во дојките која настанува поради хормонални промени пред менструацијата и за време на стресот. Но, таа исто така може да биде знак и за циста (фиброцистична мастопатија) или еден вид тумор познат како фибром. Ако промените стануваат поизразени, веднаш посетете го вашиот гинеколог.