Македонската Влада да го забрза процесот за изградба на патот Скопје- Блаце и да се поврзе со веќе изградениот автопат Приштина граничен премин со Македонија, побараа денеска претседателите на стопанските комори на Македонија и на Косово, Бранко Азаски и Берат Рукиќи.
Тие денеска се сретнаа на излезот на завршениот дел од автопатот Арбен Џафери во близина на селото Доганај од каде што порачаа дека земјите од регионот треба да ги следат барањата на бизнисот за изградба на инфраструктурата, развојот на индустријата и зголемување на извозот за да можат економиите полесно да се интегрираат во евопските текови.
– Владата на Република Македонија да се потруди да ја заврши својата обврска за изградба на делот од автопатот на македонска страна- побара претседателот на Стопанскат комора на Косово, Рукиќи.
Неговиот македонски колега Азески, пак, рече дека ќе се заложи кај Владата што поскоро да се изгради делот од автопатот на македонска страна.
– Со инфраструктурното поврзување за пет години ќе дојде до зголемување на соработката во регионот. Очекувам сегашните 300 милиони евра трговска размена меѓу двете земји да се удвојат за пет години. Исто така и 2,5 милиони премини на граничниот премин двојно ќе се зголемат за пет години- рече Азески.
Тој ги повика политичките елити на Западен Балкан да ги забрзаат меѓусебната соработка и процесот на интеграција на земјите во Европската Унија, оти, како што рече, бизнисот не може да чека.
– Соработката во регионот не е логично да биде послаба од онаа што земјите од регионот ја имаат со земји кои се со илјадици километри оддалечени. По 30 години конечно свативме дека регионалната соработка е основ на нашиот напредок– рече Азаски.
Азаски потсети дека Европа економски ги развива регионите и регионот на западен Балкан треба да биде подготвен за тоа.
Претседателите на двете бизнис заедници се децидни дека соработката на економски план се развива многу побрзо од политичката соработка во регионот.
– Владите, ако не помагаат барем да не прават пречки за економијата. Ниту еден политички процес не треба да биде пречка за стопанскиот развој – рече Рукиќи.
Тој подвлече дека референдумот во Македонија како и преговорите меѓу Косово и Србија ја забавуваат економијата.
За бизнисот од регионот, сметаат Азески и Рукиќи, покрај инфраструктурата е потребен раст на извозот и развојот на индустријата.