Претседателите на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и на Стопанската комора на Косово, Берат Рукичи, одржаа работна средба, на која разговараа за перспективите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, но и за зајакнување на меѓукоморската соработка, која е на исклучително високо ниво во изминатите години.
Азески и Рукичи разговараа за тековните проектни активности во рамките на Коморскиот инвестициски форум во насока на обезбедување предуслови за забрзан економски раст за државите од регионот на Западен Балкан, преку нивна зајакната соработка. Потребно е сите земји од Западен Балкан да се стремат кон креирање позитивна бизнис клима, преку континуирана работа на заеднички проекти за подобрување на инфраструктурната поврзаност, индустријализацијата и зголемување и поттикнување на извозните капацитети и активности, дигитализацијата и дуалното образование. Со детектирање на овие клучни точки беше формиран Коморскиот инвестициски форум преку кој регионот на Западен Балкан се промовира како единствена регионална економска област.
Во насока на промоција на регионот како таков, Коморскиот инвестициски форум работи на бројни проекти преку кои се креираат активности за надминување на постојните отворени прашања меѓу економиите на земјите од регионот, зајакнување на соработката и промовирање на економскиот потенцијал на регионот како целина. Преку Коморскиот инвестициски форум во наредниот период и двете комори ќе продолжат со работа на воспоставување на регионална економска област и креирање на заеднички производи, како и заеднички настап на државите од регионот на трети пазари.
Како претпоставка за остварување на овие цели, беше потенцирана важноста од што побрзо комплетирање на проектот за автопатско поврзување на Македонија со Косово, кој се актуелизираше во последните години, откако претходно, повеќе од една деценија беше ставен во мирување. Претседателот на Стопанската комората на Косово, Берат Рукичи, истакна дека патот од косовската страна е во финална фаза и се очекува истиот да биде завршен до јуни 2019 година, што треба да претставува поттик за посериозен пристап и започнување на градежните работи и од македонска страна порано од планираното. Од македонска страна, патниот правец е со вкупна должина од 13 километри, чија проценета вредност изнесува 63 милиони евра и претставува дел од главната рута од Скопје до Приштина. Според планираното, изградбата на автопатот Скопје – Блаце треба да започне во втората половина на 2019 година и да заврши до крајот на 2022 година.
Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Косово за 2018 година изнесува 300,6 милиони американски долари и во однос на 2017 година бележи раст од 14,4%. Извозот изнесува 265,8 милиони американски долари, кој бележи зголемување од 17,8%, додека увозот изнесува 34,75 милиони долари, кој бележи намалување од 6,8% во споредба со 2017 година. При тоа, во трговската размена остварен е суфицит на македонска страна од 231,1 милион американски долари кој бележи зголемување од 22,73% во споредба со суфицитот реализиран во 2017 година. За 2018 година, Република Косово е 16-ти надворешно-трговски партнер на Р. Северна Македонија.