По повод 39 годишнината од своето постоење Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, организраше Win-win форум на тема: „Соработка на Универзитетот со работодавачите кон поквалитетни и поатрактивни студиски програми“.
На форумот учествуваше и Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој констатираше дека со функционирањето и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, збогатена е палетата на високообразовни институции во државата, но сепак деловната заедница како работодавач се уште се соочува со недоволно обучени кадри кои ги продуцираат високообразовните институции. Имено, според искуството на компаниите потребни им се уште најмалку 6 до 9 месеци дополителна обука на овие кадри, за да може да ги вклучат во работните процеси.
Бројките за 2017 година говорат дека 8.247 студенти дипломирале, 1.977 магистрирале, а 209 лица докторирале. Прашањето е колку овие кадри се подготвени да се вклучат во работните процеси, а одговорот, колку и да звучи разочарувачки, е – недоволно.
Претседателот Азески истакна дека заеднички образовниот систем и бизнис секторот, може многу да направат, акцентирајќи го развојот на иновативните процеси. Иновациите се еден од најбитните елементи за развој на современите економии. Додадената вредност креирана преку комерцијализација на иновациите може да има повеќекратни финансиски бенефити за националната економија, а тоа не може да се реализира без добро подготвен и стручен кадар, посочи Азески. Затоа, потребна е соработка меѓу универзитетите и деловната заедница во насока на создавање истражувачки центри во компаниите, кои ќе работат на унапредување на апликативната вредност на научните достигнувања.
Стопанската комора на Македонија како најстара и најбројна бизнис асоцијација во земјата долги години остварува успешна соработка со повеќе високообразовни институции од земјата и од светот, каде веќе 10 години Комората во партнерство со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје го имплементира Проектот „Enterprise Europe Network“ во Македонија, како најголема мрежа на контактни центри во Европа, со цел да им помогне на малите и средни претпријатија да ги искористат можностите што ги нуди европскиот пазар.
Стопанската комора на Македонија исто така во изминатите години заеднички соработува на проекти со Факултетот за електротехника и информациски технологии во областа на енергетската ефикасност, со Машинскиот факултет од Скопје, заедно со Универзитетот за технологии од Виена за унапредување на соработката помеѓу домашните компании и странските инвеститори, но има и повеќе успешно завршени проекти со повеќе универзитети од Италија и Австрија во областа на иновациите и олеснување на трговијата. Сето ова говори дека како деловна заедница сме имале и се` уште имаме одлична соработка со високообразовните институции, со цел заеднички, со координирани напори на бизнисот и академската фела, да се справиме со предизвиците за обезбедување на забрзан економски раст на државата.
Форумот го отвори ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Сашо Коруноски, кој го истакна придонесот на секој поединец и институција кон проблемот со образованието на идните генерации како многу битен. Универзитетот треба да е една динамична форма, со свој развој кој е во тек со промените во општеството и кој има една мисија – константно подобрување, посочи ректорот Коруноски.
На форумот свои излагања имаа и Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на „Витамина“ АД – Прилеп, и проф. д-р Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија АД – Скопје, кои ги истакнаа улогата и значењето на работодавачите во креирањето на студиските програми за потребите на пазарот на труд, како и примената на теоријата во праксата.