Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески смета дека Одлуката на министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала, за воведување забрана за увоз на мед и компири од земјава е популистичка одлука донесена како резултат на инатење и попречување на добрите економски односи без основ.
Тој додава дека забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар.
– Мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи и е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година. Оттука воведување реципрочна мерка од косовската страна за забрана за увоз на одредени производи (компири и мед), во услови кога Македонија упатува на почитување европски правила и прописи, упатува дека станува збор за популистичка одлука донесена како резултат на инатење и попречување на добрите економски односи без основ – вели Азески.
Азески додава дека согласно правилата на ЦЕФТА, Министерството за економија уште во јуни на редовните состаноци на ЦЕФТА одговори на косовската страна по ова прашање, а исто така и Агенцијата за храна и ветеринарство ја извести косовската страна дека новите законски прописи се донесени согласно европската регулатива.
– Во изминатиот период Агенцијата за храна и ветеринарство направи интензивни напори за надминување на проблемот со цел добивање соодветни информации за животинскиот и рибниот здравствен статус, но вакви податоци не се добиени, иако се побарани повеќе пати од ресорната институција во Република Косово. Како што информираше и министерството за економија на нашата земја, надлежните органи на Косово истакнаа дека системот за надзор на рибни болести во Република Косово не се следи – додава Азески.
Тој, како што вели во изјавата, целосно се согласува со ставот на неговиот пријател Сафет Ѓергалиу, економски аналитичар и поранешен претседател на Стопанската комора на Косово.
– Впрочем вака јавно изнесен став треба да биде пример како бизнисот треба да реагира во услови кога се преземаат политички чекори за носење популистички одлуки- вели Азески.
Ѓергалиу, изјави дека косовските такси за македонските производи се погрешни и популистички и се донесени во погрешно време.
Согласно достапните податоци, извозот на мед во Косово во 2018 година е во вредност од 464.199 долари, додека во првите 5 месеци од 2019 година е во вредност од 212.227 долари. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири.