Приватниот сектор, јавните институции, универзитетите не се на ниво на одговорноста што е потребна за постигнување на повисоки стапки на раст и дека понатаму остануваат клучните диспаритети во економските политики, а тоа се: односот помеѓу капиталот и трудот, активното и издржувано население и континуитетот на правната регулатива е генерална оценка на вториот ден од најголемиот економски форум Копаоник 2019.
Делегацијата на Стопанската комора на Македонија имаше активно учество вториот ден на Бизнис форумот. Покрај многубројните билатерални средби, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, организираше свечена вечера за партнерите на Комората кои беа присутни на Бизнис форумот: Александар Влаховиќ, претседател на Организациониот одбор на Копаоник бизнис форумот, кој воедно е и претседател на Сојузот на економисти на Србија, претставници од европски финансиски институции – Негре Дубравка, раководител на регионалната канцеларија за Западен Балкан на Европската инвестициона банка и Зоран Мартиновски, менаџер на Меѓународната финансиска корпорација IFC за Македонија и Црна Гора, управата на НЛБ Банка на чело со Блаж Бродњак, претседател на Бордот на директори на НЛБ Банка, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина, Драган Микеревиќ, Игор Радојчиќ, градоначалник на Бања Лука, истакнати стопанственици од нашата земја, претставници на медиумите и други гости.
На вечерата претседателот Азески ги презентираше можностите за инвестирање во нашата земја и зборуваше за регионалните проекти во кои можеме заеднички да учествуваме. Претседателот на Организациониот одбор на Копаоник бизнис форумот, Александар Влаховиќ, се заблагодари на организираното учество на македонската стопанска делегација и констатира дека со тоа се отвора простор за ширење на Форумот надвор од границите на Србија.
Светозар Јаневски, на вториот ден од Форумот учествуваше на еден од најпосетените панели, заедно со истакнати бизнисмени од регионот, на којшто дебатираа на темата: „Како да се води бизнис на Балканот – предности, слабости и препораки“.