Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, учествуваше на 13. Меѓународен симпозиум за корпоративно управување на тема: „Дигитална економија – двигател на економскиот раст“, кој се одржа во Босна и Херцеговина, во периодот од 16 до18 мај 2018 година.
Како што соопшти Стопанската комора, Азески имал обраќање на панелот посветен на прашањата за инвестициските политики на земјите во развојот на дигиталната ера, со презентација на моделите и стратегиите за забрзан развој на малите земји преку примерот на Македонија.
Дискусијата беше фокусирана на прашањата за институционалната политика на земјите во развој во процесот на дигиталната ера, во услови кога економскиот раст и развој на една земја најмногу зависат од пазарната ефикасност, технолошката опременост, високото образование и обуката на вработените.
– Пониското ниво на раст и развој на македонската економија во однос на земјите-членки на ЕУ и дел на земји од Западен Балкан, го отвора клучното прашање – за потенцијалите и можностите на македонската економија, кои се приоритетите на кои треба да се посветиме и да работиме во иднина и каде да ги насочиме нашите активности кои се од интерес за бизнис заедницата. Имајќи ја предвид важноста на индустриската конкурентност и нејзиниот придонес врз ефикасноста на целокупната национална конкурентност, Македонија треба итно да ја зајакне основата на својата индустрија со цел да се овозможи одржлив раст на вкупната економија, создавање повисоки вредности на економските активности, а својата иднина треба да ја гради врз ефикасноста на технолошката опременост и пазарната ефикасност, за што главен предуслов се инвестициите – рече Азески.
Според него, успешноста во справување со предизвиците во остварувањето на развојните проекции и искористувањето на потенцијалните можности на нашето стопанство, во значаен дел, зависи од вложувањата во истражување и развој, како и од примената на иновации и нови технологии.
-Во Македонија постојат повеќе иницијативи кои во моментов се реализираат и кои имаат за цел да ги поддржат бизнисите во остварувањето на забрзан технолошки развој и воведување иновации, каде целта на ваквата поддршка е создавање нови работни места, економски раст и развој, како и подобрување на бизнис-климата преку развој на конкурентските способности на компаниите. Стопанската комора на Македонија и понатаму активно ќе биде вклучена во имплементирањето на современите технолошки решенија, следејќи ги глобалните трендови од една страна, но и барањата и потребите на компаниите, од друга страна – истакна Азески.